Линкови за пристапност

Власта ја смирува тензијата околу новиот бран бегалци


Воспоставен е систем за справување со евентуален бран мигранти, а сите надлежни институции ги активираат своите оперативни планови, порача денеска Владата

„Неколку пати сум истакнал дека прашањето во однос на миграцијата не е прашање што може да го реши една држава, туку треба да се изгради заемна политика, заради тоа што, пред сè, ние се справуваме со последици, а не го решаваме проблемот, тој се решава таму каде што е неговиот извор. Сите заедно, како држави од регионот, се справуваме со последиците, но како и да е, сега-засега, нема очекувања дека можеме да дојдеме во ситуација на зголемен мигрантски бран. Очекувам дека договорот помеѓу ЕУ и Турција ќе продолжи понатаму да функционира и да се реализира и заеднички ќе имаме можност добро да ја имплементираме целата оваа кризна состојба“, рече денеска премиерот Оливер Спасовски, по повод ситуацијата на турско-грчката граница и најавата дека по отворањето на турската граница, повторно е можно десетици илјади мигранти и бегалци, преку Грција, да дојдат до јужната македонска граница.

Иако според Спасовски, засега нема очекувања дека може да дојде до зголeмен мигрантски бран, тој потенцира дека системот за добро справување со евентуална миграциска криза функционира постојано и дека сите надлежни институции се максимално посветени на справување со евентуален зголемен број мигранти.

Во поглед на можноста за повторно отворање на „Балканска рута“, Спасовски беше дециден: „...Ние сме транзитна земја, имаме два транзитни центра, ‘Винојуг’ и ‘Табановце’, и ако дојде до какво било отворање на рутата, односно зголемување на бегалци низ Република Северна Македонија, може само да транзитираат или да се донесе времен престој до 72 часа“, рече Спасовски.

Со смирувачко соопштение се огласи и Владата.

„Република Северна Македонија воспостави систем од претходната бегалска криза и тој систем е подготвен и функционален да одговори на предизвиците со кои би се соочиле како транзитна земја“, се вели во соопштението на Владата, по денешниот состанок на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи посветен на најновите состојби во соседните држави.

На состанокот на Управувачкиот комитет со кој претседавала министерката за одбрана Радмила Шекеринска, било потенцирано дека „Владата со соодветно внимание ја следи ситуацијата и е во постојана комуникација со партнерите од НАТО и ЕУ“.

На состоанокот на кој присустувале меѓу другите и заменичката-премиер Мила Царовска, министрите за надворешни и внатрешни работи Никола Димитров и Наќе Чулев и за здравство д-р Венко Филипче, директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку и претставници на канцеларијата на Претседателот на државата и на Армијата на Република Северна Македонија, било констатирано дека уште денеска е зголемен е бројот на припадници на МВР и на Армијата распоредени на јужната граница и биле „потврдени оперативните планови за дополнителен ангажман во случај на понатамошен раст на бројот на мигранти“.

И претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, утре на лице место - ќе изврши обиколка на припадниците на Армијата стационирани на македонско-грчката граница и ќе го посети Транзитниот центар кај Гевгелија каде се врши регистрација на мигрантите.

Претходно и од МВР беше порачано дека македонските полицајци во соработка со „полициските службеници од неколку пријателски држави се борат со нелегалните обиди за влез во земјава“, а тоа го потврди и вицепремиерот Бујар Османи според кого, заедно со ФРОНТЕКС и земјите-членки, Македонија може да се справи со хипотетички бегалски бран.

По одлуката на турските власти за отстапување на договорот со ЕУ и изјавата на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека „вратите се веќе отворени“, медиумите во регионот јавуваат дека со излегувањето на засега, околу седумдесет илјади бегалци и мигранти од Турција, ситуацијата се заканува да стане драматична. Соочена со неприфаќање на бегалците од жителите на островите на кои власта сака да изгради нови контролирани центри, Грција сега се соочува и со десетици илјади нови бегалци и мигранти кои сакаат да влезат на нејзина територија. Македонските медиуми ја пренесоа изјавата на грчкиот заменик-министер за одбрана Алкивијадис Стефанис дека само во една ноќ биле запрени 9.972 нелегални имигранти, а 73 уапсени.

Засега, од Бугарија стигнуваат смирувачки тонови, а ситуацијата со кримчарење на бегалци и мигранти е стандардна во Македонија,

Во последните две акции на полицијата се сопрени околу 120 лица кои се обиделе да ја поминат македонската територија. Според полициските соопштенија, 78 илегални мигранти се пронајдени во населбата Три Чешми во Штип во запрено возило со скопски регистарски таблички, со кое управувале С.П. и Т.Р. од Велес, кои се уапсени. Поднесена е кривична пријава и против велешанецот З.Б. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “криумчарење на мигранти“ и одредена му е мерка притвор, откако минатата недела, на магистралниот пат Штип-Радовиш во неговото товарно возило биле пронајдени 40 лица (36 од Авганистан и четворица од Пакистан).

XS
SM
MD
LG