Линкови за пристапност

Светскиот ден на бегалците одбележан со повик за нивна заштита


Иако официјално бегалската рута низ Македонија е затворена, процесот не е сосема прекинат, предупреди активистката Ленче Здравкин, за Гласот на Америка

„Состојбата со илегалните бегалци кои транзитираат низ Република Македонија е релативно стабилна. За едно деноноќие, преку Велес транзитираат од 10 до 20 бегалци, не сметајќи ги оние кои се превезуваат до северната граница од криумчари. Во моментов, бегалците се претежно мажи, главно од Пакистан, Палестина, Авганистан и Сирија“, изјави активистката Ленче Здравкин, за Гласот на Америка на македонски јазик.

Хуманитарката, која и пред официјалниот почеток на бегалската криза во Македонија, но, особено во тензичната 2015- та, во нејзиниот дом во Велес, во прифатниот камп на македонско-грчката граница во Гевгелија, или во транзитниот камп на македонско–српската граница во Табановце, волонтира и им помага на бегалците и мигрантите, и денес е секојдневно на терен и ни` зборуваше за искуствата.

„Состојбата на терен е загрижувачка, бидејќи голем дел од бегалците се ограбувани и малтретирани од самонаречени ‘таксисти’ кои ги примаат во автомобилите, им наплатуваат високи суми за наводно да ги превезат до Србија. Но, потоа ги оставаат измамените бегалци по рутата, веднаш по јужната граница, уште во Демир Капија или понатаму во Неготино и Градско, од каде сами се снаоѓаат, за да стигнат до граничниот премин Табановце“, вели Здравкин, која за нејзиниот ангажман беше прогласена за „Жена на годината“ во 2015-та година.

И додека, по повод Светскиот ден на бегалците, организацијата „Репортери без граници“ предупреди дека властите на одделни држави користат недозволени методи за да го опструираат медиумското известување за мигрантската криза, како како заплашување, апсење, прогон, неиздавање дозволи, одбивање барања за интервјуа и одземање опрема, а медиумите ја пренесоа и изјавата на генералниот секретар на оваа организација Кристоф Делор, според која „на нашите општества не смее да им се ускрати известувањето за мигрантската криза, која сега е во центарот на дебатата во Европа и во други делови во светот“, Здравкин повика на хуманост и подавање рака на бегалците од граѓаните и властите на европските држави.

„Иако официјално бегалската рута низ Македонија е затворена, процесот не е сосема прекинат, со тоа што интензитетот се намалува во зимскиот период, а секоја пролет се зголемува бројот на бегалците. Според актуелните проценки, не се исклучува можноста, бројот на бегалците низ Македонија повторно да се зголеми. Сепак, верувам дека до тоа нема да дојде, и дека Европа ќе застане зад овие луѓе. На денешниов ден, 20-ти јуни, Светскиот ден на бегалците, да им подадеме рака на бегалците и сите да го дадеме својот придонес, како и сите држави, бидејќи секој човек заслужува топол дом и пристоен живот“, порачува Здравкин.

Канцеларијата на Високиот комесар за бегалци на ОН (УНХЦР) во Скопје, заедно со партнерските организации, и годинава го одбележува Светскиот ден на бегалците и им оддадоа чест за нивната издржливост, преку бројни активности, се` со цел да се крене и развие свеста на граѓаните за потребата да им се помогне и даде поддршка на овие лица.

Под мотото „Им подавам рака на бегалците“, УНХЦР потенцира дека овој ден „претставува клучен момент за јавноста да покаже поддршка за семејствата принудени да избегаат“.

Граѓаните можат да ја потпишат и петицијата #WithRefugees, со која од владите се бара да обезбедат секое бегалско дете да добива образование, секое бегалско семејство да може безбедно да живее, и секој бегалец да може да работи или да научи нови вештини за поддршка на нивните семејства.

Во чест на бегалците, УНХЦР, во соработка со Црвениот крст на Македонија, Данскиот совет за бегалци и уште неколку други организации, вечерва организира концерт во Градскиот парк во Скопје.

Вчера, пак, УНХЦР, Македонското зружение на млади правници и Здружението на новинарите на Македонија, по четврти пат ги доделија наградите за професионално известување за состојбата на бегалците во Македонија за 2017-та година.

Во трите категории - напис или серија написи, емисија, ТВ прилог и краток документарец и фотографија, беа доделени по три награди.

Иако Европската канцеларија за прашања за азил испрати соопштение според кое, во 2017 - та, покрај притисокот на надворешните граници, во земјите од ЕУ биле поднесени 728.470 апликации за азил, што претставува пад од 44 отсто во однос на 2016 година“, прашањето на бегалците и мигрантите е едно од најактуелните и во Европа и во САД.

Особено, по кризата во коалицијата во германската Влада и заканата за затворање на германските граници (државата минатата година прими над 970.000 лица) за мигранти кои доаѓаат од друга европска земја, ако не се најде решение на самитот на ЕУ на 28 и 29 јуни.

Медиумите пласираа и наводна опција на дел од лидерите на ЕУ и нивни, наводни планови за испраќање мигранти пресретнати во Средоземното Море, во центри вон територијата на Унијата, во кои би се разделиле економските мигранти од лица кои доаѓаат од конфликтни зони, и на кои им е потребна меѓународна заштита.

Во медиумите беше објавен и најновиот извештај на УНХЦР, според кој, по петти пат бројот на бегалци достигнува рекорд, земајќи предвид дека минатата година имало три милиони бегалци повеќе од 2016-та, или вкупно 68,5 милиони лица.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG