„Мислам дека е потребно обновување на целиот систем, кој иако е релативно добар, се покажа дека не е функционален. Има многу нешта кои треба да се ремонтираат во правниот, политичкиот и во економскиот систем одделно. Треба да се направи акциски план, кој ќе воведе динамика во сите тие активности“, изјави за Гласот на Америка, универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети, кој учествуваше на првата Охридска школа за природно право.
Учесниците во дебатата се согласуваат дека законските измени ќе ги принудат институциите да бидат поефикасни и побрзи, но, и оти е потребно партиите да се повлечат од узурпирање на државните органи
„И во самиот уставен систем и во поделбата на власта има сериозни недостатоци. Мислам дека новата Влада во старт треба да покаже домаќински однос“, вели универзитетската професорка Гордана Сиљановска.
Претседателот на Македонска академија на науките и уметностите Таки Фити вели:
„Ќе претстои многу работа, но, може и брзо да се делува. Ако се направат тие реформи, ќе се изврши силно влијание врз оптимизмот на инвеститорите“, вели Фити.
Универзитетскиот професор Никола Тупанчески, пак, смета дека треба да се направи темелна ревизија на најголемиот дел на законодавната рамка.
„Поголемата реформа треба да биде во насока на реформирање на институциите во Македонија“, изјави Тупанчески
Европскиот експерт Рајхард Прибе, кој пред две години го изготви извештајот со неопходните реформи кои треба да се спроведат, укажа на важноста од интеграцијата во Европската унија, како и на потребата од обединување на сите потенцијали.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева кажа дека ќе продолжи со отворање истраги, за кои постојат сомнежи за криминал, но, и оти до крајот на оваа недела ќе поднесат нови обвинителни акти.
„Повеќето истраги кои се веќе отворени ќе завршат со обвинение. Има за високи функционери и за лица кои се добро познати, а кои се прислушувани во период од 2008-та до 2015-та година“, рече Јанева.
Владата вели дека е посветена на имплементација на препораките од ЕУ, со цел спроведување на неопходните реформи, кои ќе го откочат евроинтегративниот процес на државата.
Facebook Forum