Линкови за пристапност

Дипломатите порачуваат „Сега или никогаш!“, противниците покренуваат кампања „Македонија бојкотира!“


Додека од Запад секојдневно стигнува дипломатска поддршка за референдумот, во Македонија се обединуваат застапниците на бојкотот

„Сакаат да ни го уништат вечното македонско име, идентитет, јазик и култура, сакаат да не избришат од светската мапа на нации. Нема да им го дозволиме тоа! Оваа битка е многу поголема од предавничките авантури на пучистичката власт, која во очајнички обид да распродаде сé што е македонско, се служи со лаги“, изјави лидерот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев.

Откако 28 политички партии, граѓански иницијативи и невладини организации, од Македонија и од дијаспората, потпишаа Меморандум за стратешка соработка за бојкот на референдумот закажан за 30 септември, Бачев потенцираше:

„Велат дека бојкот значи прифаќање на договорот со Грција, но тоа е една голема лага. Да не им верувате! Оваа битка ќе се добие на 30 септември со неизлегување на референдумот. Само ќе остане срамот на марионетската власт од која ќе се срамат и нивните поколенија. Не само срамот, ќе остане и одговорност, а новата легална власт која доаѓа, ќе расчисти со сите национални предавници„, најави Бачев, кој ќе го предводи анти-референдумскиот фронт, што ќе ја спроведува кампањата под слоганот „Македонија бојкотира!“

Меморандумот предвидува Кризен штаб што ќе ја води јавната пропаганда за бојкот на референдумот што се оценува како „геноциден проект“ против македонскиот народ. Потписниците се цврсто убедени дека мнозинството на граѓаните на Македонија нема да излезат на референдумот „бидејќи не прифаќаат промена на името и идентитетот на македонскиот народ“. Според Бачев, пак, се работи за „семакедонско обединување за одбрана на вековното македонско име“

Меѓу поддржувачите и потписниците на документот се и експретседателот на градската организација на СДСМ во Скопје, Љупчо Палески од Третата партија на Македонците, како и Филип Петровски од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, кој најави дека „ќе тргнеме од човек на човек, од роднина на роднина, од семејство на семејство, од врата на врата, од куќа на куќа, од влез на влез... И ќе ја пренесеме нашата порака дека Зоран Заев лаже и дека Република Македонија не смее да го смени уставното име!“

Меѓу другите потписници на Меморандумот се и Семакедонскиот национален совет – „Македониум“, Фронтот за демократска Македонија – ФРОДЕМ, „Христијанско братство“, МПО „Тврдокорни“, Здружението на граѓани за македонско-руска соработка, Обединети Македонци – Канада, Организацијата на Македонците – Австралија, Македонска дијаспора – Европа, Македонското движење за човекови права, Форумот на слободоумни патриоти, Македонскиот клуб „Шарпланинец“, Здружението на граѓани „Македонски крвопис“...

Според Живко Гроздановски од „Христијанско братство“, во нивните редови има и членови на СДСМ кои се против референдумот. „Имам само да порачам: не си играјте со Македонија и македонскиот народ! Ова било е и ќе си остане Македонија!“. А, Страшко Олумчев од Македонскиот национален совет „Македониум“, излезе со став дека „само етнички Македонци имаат право да одлучуваат за името“. Од движењето „Боjкотирам“ пак, реагираа дека обвинувањата за „проруска“ ориентација за противниците на референдумот, само ја стигматизираат искрената иницијатива. „Мрежата ’Бојкотирам’ ги поздравува сите кампањи, иницијативи и слогани за бојкот на референдумот за договорот со Грција со кој се брише Македонија и македонскиот народ. Некои кампањи се водат под слоганите ’Dont call me North’, ’Никогаш Северна, Секогаш Македонија’, ’Името е идентитет’, ’Македонија има свое име’, а други пак, под ’Бојкотирај референдум за Северна Македонија’, ’Бојкот за референдум за името’, ’Бојкот на референдумот 2018’“...

ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Заев дека ги „лаже македонските граѓани и го гази ветувањето за задолжителен референдум. СДСМ покажа единствено самоволие и непочитување на парламентарната демократија... Залудно Заев го продава името. Залудно Заев потпишува капитулантски договори и прифаќа комисии за менување на историјата. Во Европа со грабеж и корупција не се влегува! Заев е исплашен бидејќи знае дека доаѓа крајот на неговото коруптивно владеење“, порача ВМРО-ДПМНЕ, која сé уште официјално не се изјаснува за референдумот.

И додека е голема веројатноста, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, сепак јавно да не повика на бојкот, туку само да апелира нејзините поддржувачи да постапат по сопствено убедување, малата партија Левица го обвини НАТО и побара бојкот.

„За да ги оствари ненаситните империјалистички апетити на своите членки, НАТО гази врз достоинството и животите на малите, мирољубиви и антифашистички народи. За да стане дел од ваков злосторнички сојуз, од Македонија се бара таа да го смени своето уставно име! Со овој услов, НАТО ја дискриминира Република Македонија и го повредува суверенитетот и достоинството на нејзините граѓани, прекршувајќи го меѓународно признатото право на самоопределување!... Затоа, на 30-ти септември 2018 - бојкот на нелегалниот референдум!“, е ставот на Левица.

Организацијата „Млади зa Мaкедoнијa" пак, започна пoстaпкa зa сoбирaње нa потписи зa распишување нов, „Татковински референдум зa одбрана на трите мaкедoнски црвени линии: иметo, јазикот и идентитетoт“, и продолжува со „бoјкoтoт зa нелегитимниoт, мaнипулaтивен референдум зa ’Севернa’, под мотото „Никогаш Северна, секогаш Македонија!’“

И додека бојкотот на референдумот противниците го пропагираат и со видео спотови за рап-песни на социјалните мрежи, западни дипломати, обединети во организацијата „Охридска група“, упатија повик до граѓаните на Македонија да гласаат на референдумот на 30 септември и да заокружат „да“.

Претседателот на групата, Карл Билт, поранешен специјален претставник на ЕУ и ОН за Балканот, ексгенералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана, експретседателот на Бугарија Росен Плевнелиев и другите членови, им порачуваат на македонските граѓани: „На 30. септември Вие ќе ја имате можноста да направите историски избор. Дали сакате да го отворите патот за членство на вашата земја во НАТО и во ЕУ со тоа што ќе го поддржите договорот со Грција? Ние, Охридската група, ве повикуваме да кажете: Да!“

„Многумина од нас, беа со вас во раните години на овој век, вклучително и во преговарањето за Охридскиот договор и бевме дел од последователните операции на НАТО. Ние сме горди што можевме да помогнеме во надминувањето на проблематичните времиња... Ние на ова гледаме како на „Сега или никогаш“ - момент за Вашата земја, за Вас, и за иднината на Вашите деца. Членството во НАТО нуди безбедносна гаранција која што го овозможува тоа. Членството во ЕУ ќе донесе економски развој, зголемени инвестиции, работни места и пристап до европски програми кои ќе го подобрат Вашиот живот... Вашата земја можеби е мала, но има горда историја. Сте воделе различни битки. Но, вашите идни напори треба да бидат насочени кон обезбедување на подобар живот во годините кои следуваат пред Вас“, се вели во пораката на западните дипломати до македонската јавност.

Во тој контекст е и најавата дека австрискиот канцелар Себастијан Курц ќе дојде во Скопје на 7-ми септември, во знак на поддршка на премиерот Зоран Заев. И за време на посетата на Заев на Виена во јуни, Курц потенцираше дека договорот за спорот за името со Грција е решавачки чекор напред во процесот на доближување на Македонија кон ЕУ.

Заев пак, изјави и дека упатил покани до неколку светски лидери, вклучувајќи ја и германската канцеларка, Ангела Меркел, да ја посетат Македонија пред одржување на референдумот. „Не можам да кажам дали ќе дојдат, се надевам ќе најдат време во своите агенди да дојдат и да ги охрабрат граѓаните“, рече Заев. Неофицијално, медиумите најавуваат и посети на Македонија на премиерите на Шпанија, Педро Санчес, и на Канада; Џастин Трудо.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG