Откако во отсуство на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со 68 гласови „за“, Собранието на 30 јули донесе одлука за распишување на консултативен референдум на 30 септември, со прашање: Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?, премиерот Зоран Заев, изрази убеденост дека референдумот ќе успее и потенцираше дека не очекува опозицијата да го бојкотира.
„Не размислувам за неуспешен референдум и за непостигнат цензус... Но, доколку граѓаните одлучат да останат дома, во таков случај, тие ја пренесуваат одлуката на институциите“, изјави Заев, кој ги повика граѓаните да излезат на референдумот, зашто тоа е „нивна обврска пред татковината“.
Но, спротивен став имаат дел од организациите на македонските иселеници. Светскиот македонски конгрес (СМК) вчера поднесе иницијатива до Уставниот суд на Македонија за поништување на Одлуката на Собранието за распишување на референдум и побара од судот, во согласност со членот 50 став 1 од Уставот, да реши по иницијативата врз начелата на приоритет и итност, поради уставно утврдената заштита на слободите и правата.
СМК тврди дека одлуката за распишување на референдум не е во согласност со членот 8, став 1, алинеја 3, членовите 51, 52, 75, 118, 119 и 120 од Уставот, но и со и со членот 15 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со меѓународното право. Во иницијативата до Уставниот суд, СМК побара и времена мерка до одлучување, „поради штетните последици од спроведувањето на референдумот по Буџетот и јавните фондови, односно даночните обврзници, по слободите и правата на државјаните и по внатрешниот правен поредок на државата Македонија!“
Според СМК, референдумското прашање „создава правни последици што се основа за кривично дело и поради тоа ги доведува избирачите во заблуда да гласаат за ’озаконување’ на меѓународен договор чие извршување, пред да стапи во сила Законот за негова ратификација, претставува кривично дело!“ СМК порачува и дека „одлуката на Уставниот суд на Македонија е тест за правната држава и правдата“.
Обединетата македонска дијаспора, организација на македонските иселеници со седиште во САД, повика на бојкот на референдумот, зашто смета дека „прашањето на референдумот е неприфатливо поради манипулативниот карактер што го крие вистинскиот исход од договорот со Грција, кој подразбира промена на името на државата во Република Северна Македонија и бришење на македонската историја и посебност“. ОМД ги истакнува и отсуството на опозицијата и експертската јавност при усвојувањето на референдумското прашање, како и „консултативната природа на референдумот кој овозможува политичко самоволие без разлика на јавното мислење“.
Другата организација на македонската дијаспора, Форумот за демократска Македонија, сé уште не испратила соопштение со став за референдумот, но по потпишувањето, го поздрави договорот за името, зашто смета дека „промената на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија не го менува идентитетот на етничките Македонци и македонскиот јазик. Напротив, договорот ги гарантира идентитетот и јазикот без да навлегува во правото на национално определување“. Според ФДМ, иако договорот не е идеален, „постигнатиот компромис е добар почеток за градење меѓусебна доверба меѓу двете соседни земји, поместување од мртвата точка и надминување на блокадата за членство во НАТО и ЕУ“.
Во Македонија пак, опозицијата и понатаму калкулира. Иако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошовски повика на бојкот, генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, најави дека партиските органи наредниве денови ќе донесат одлука во однос на референдумот.
„Власта одлучи да распише референдум за договорот со Грција без да го послуша размислувањето на 455 000 граѓани на Република Македонија кои се претставени од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Заев насила турка двосмислено прашање за исполнување на грчките црвени линии. Да беше убеден дека е заштитен идентитетот, Заев немаше да манипулира со двосмислено прашање спротивно на законот за референдум и Уставот. Требаше прашањето да биде само за Договорот со Грција. Вака, се прикрива со ЕУ и НАТО“, рече Јанушев.
Одделни медиуми, не наведувајќи извори, шпекулираат дека во врвот на раководство на ВМРО-ДПМНЕ постои разногласие дали референдумот треба да се бојкотира или да се повикаат граѓаните да излезат и да гласаат негативно, но и дека има и застапници на позитивното изјаснување поради евроатлантските интеграции. Сепак, кај коментаторите превладува оценката дека ракводството на опозицијата најверојатно ќе го повика членството и симпатизерите да гласаат според сопственото убедување и дека заканите со бојкот се само оправдување пред сопственото гласачко тело. И додека, со консултативноста на референдумот, власта веќе се огради од последиците на неговата евентуална неуспешност, и најави „пренесување на одлуката од граѓаните во институциите“, по иницијативата на Светскиот македонски конгрес, сега се поставува и прашањето за политичката разврска, доколку Уставниот суд евентуално ја поништи одлуката на Собранието.