Линкови за пристапност

Гарет Мартин: Ако пропадне Договорот со Грција, постои ризик од тензии


Обезбедувањето двотретинско мнозинство ќе биде предизвик за власта, со оглед на поларизираната средина, смета професорот од Американскиот Универзитет во Вашингтон

Одлуката на Парламентот ќе одреди дали референдумот беше успешен или неуспешен, вели Гарет Мартин од Американскиот Универзитет во Вашингтон, коментирајќи дека ситуацијата сега е контрадикторна бидејќи двете страни прогласија победа.

„Референдумот секогаш беше сметан за необврзувачки и чекор кон ратификација на Договорот со Грција во Парламентот. Идејата на премиерот Зоран Заев беше дека ако добие голема поддршка од оние што ќе гласаат да и` направи притисок на опозицијата да не гласа против“, вели Мартин.

Сепак, вели тој, обезбедувањето двотретинско мнозинство ќе биде предизвик за власта, со оглед на поларизиарната средина, како и поради фактот што опозицијата не и` даде кредит на Владата за постигнување на Договорот со Грција.

„Премиерот Заев се закани со можни избори ако не добие двотретинско мнозинство. Тешко е да се каже дали тоа може да има влијание врз ситуацијата“, смета тој.

Според него, предвремени извори може ќе бидат неизбежни, но, тоа пак потенцијално може да доведе до нова криза.

„Ако пропадне решението за името, и тоа поради партиска поделеност, постои ризик тоа да исфрли на површина значајни тензии во време кога не и` се потребни на Македонија“, рече Мартин.

Тој стравува дека Македонија и регионот повторно може да станат место за превласт на големите сили, вклучувајќи ја Русија и нејзината пропаганда, како и можно влијание од Кина и Турција.

Референдумот, вели тој, покажа поделеност во државата што е доста загрижувачки. Но, додава тој, треба да се земе предвид дека 27 години се преговарало за ова име, и оти многу е тешко да се очекува дека повторно договарање со Грција за ова прашање ќе има резултат.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG