Линкови за пристапност

Буџетот за референдум не е на штета на Армијата


И противниците на референдумот бараат пари од државата за својата кампања
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Нечесно е други луѓе да ги врзуваат едното со другото, вели Радмила Шекеринска, министерка за одбрана

Министерството за одбрана, кое најави дека ќе пренамени еден милион евра од буџетот за кампања за рефрендумот, демантира дека тоа се прави на штета на Армијата.

„Се работи за средства кои беа насочени кон активност во поддршка во нашите НАТО интеграција, но, кои не беа во делот на логистика нуту потребите на Армијата на Република Македонија. Нечесно е други луѓе да ги врзуваат едното со другото“, вели Радмила Шекеринска, министерка за одбрана.

И противниците на референдумот бараат пари од државата за својата кампања под мотото „Македонија бојкотира“.

28 здруженија групирани во т.н. „Кризен штаб“ денеска доставија барање до Владата кога ќе двои пари за успешен референдум на 30-ти септември, и ним да им обезбеди средства за водење на нивната пропаганда, која ќе биде сосема спротивна - референдумот да не успее.

„Решени сме да бојкотираме, ако Владата не даде средства ние ќе се снајдеме, но, секако очекуваме да се следи примерот на развиените демократии каде секој има еднакво право да ги промовира своите идеи“, вели Солза Грчева од Глас за Македонија.

Додека Грчева тврди дека до Европската унија може да се стигне и на друг начин а не со, како што вели, самоништење и промена на името, нејзиниот истомисленик, лидерот на проруската „Единствена Македонија“ зборува дека мнозинството граѓани воопшто и не сакаат да влезат во Унијата.

„Референдумот нема да успее. Зоран Заев и марионетската власт бараат алиби и го плашат народот, отворено велат дека ќе има војна ако не успее референдумот. Владата ја крие последната анкета на која јасно е кажано дека 80 проценти од граѓаните не сака во НАТО и ЕУ и да го промени името“, вели Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија.

Иако, опозицијата се` уште молчи како ќе постапи во однос на референдумот, поранешни функционери на партијата велат дека членството на ВМРО-ДПМНЕ нема да излезе на референдум.

„Најголем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде за бојкот. Ние како фракција се придруживме на овие организации што застанаа зад бојкот, и ќе одиме на терен да ја промовираме таа позиција. Ниту еден нормален нема да излезе и да се поништи сам себе си“, изјави Филип Петровски од Демократска фракција на ВМРО-ДПМНЕ.

Во отсуство на јасен официјален став на ВМРО-ДПМНЕ, т.н. „Кризен штаб“, чие влијание се смета за маргинално, засега останува меѓу ретките организирани облици на противење на референдумот, чии резултати според владините очекувања, треба да донесат потврда на граѓаните за потпишаното во Преспа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG