Излезете на претстојниот референдум, гласајте и решавајте за иднината, им порача премиерот Зоран Заев на граѓаните на Македонија.
Со целиот владин кабинет зад себе, ден по распишувањето на референдумот, Заев апелираше сите во општеството да ја преземат одговорноста, и да не потпаднат под туѓи влијанија.
„Направете го вистинскиот чекор, ова е момент за одлуката, сега е време за храбри чекори, време за патриотски одлуки. Тргнуваме силно и никој не може да не спречи, како никогаш порано одлучни Македонија да успее. И ќе успее. Наместо мрак и изолација, да избереме светлина и иднина. Рефренедумот е точката во која ќе се спојат иднината на нашата Македонија и на нашата Европа. Да кажеме „да“ за признанаен македонски идентитет, јазик и култура, време е за одлука за нас и за иднината на Македонија“, рече Заев.
Уверен е дека референдумот ќе биде успешен. Верува дека опозицијата нема да го бојкотира процесот, иако вчера ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската седница на која се распиша референдумот.
„Едно е јасно, ВМРО-ДПМНЕ јавно и на лидерските средби, велеше дека нема да повика на бојкот. Се надевам дека нема тоа да го направат, прво заради државата, второ заради нив. Знаат што значи да се повика на бојкот“, додаде Заев.
Опозицијата засега не соопштува како ќе постапи. Од ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение, ја критикуваат власта дека ја погазила демократијата во Македонија, и оти го погазила ветувањето за задолжителен референдум.
Собранискиот спикер денеска соопшти дека по рефрендумот, во службен весник ќе се објави Законот за ратификација на Договорот со Грција.
„Имајќи ги предвид сите околности, сметам дека тоа треба да се случи по референдумот, по изјаснувањето на граѓаните, бидејќи во тој контекст, успехот на спогодбата зависи од одлуката на граѓаните на референдум“, изјави претседателот на Собранието Талат Џафери.
Одлуката за одржување референдум на 30-ти септември ја поздрави Брисел.
„ЕУ го поддржува овој Договор и неговата имплементација, како симбол на помирување и добрососедски односи во регионот. Ги повикувам сите граѓани на Македонија да го искористат нивното демократско право на глас“, напиша на Твитер еврокомесарот Јоханес Хан.
Од утре во Скопје ќе престојува заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер.
Целта на неговата посета е, како што соопшти Американската амбасада, да ја изрази поддршката на Вашингтон за Договорот со Грција за прашањето за името.
Facebook Forum