Линкови за пристапност

Усвоен пакет закони за имплементација на договорот од Пржино


Дебата имаше само за гласањето на дијаспората.

Собранието пред полноќ го усвои пакетот закони договорени во Пржино. Пратениците по итна постапка ги изгласаа: Законот за основање Анкетна комисија која ќе ја истражува аферата за прислушувањето, Измените во Изборниот законик, Измените и дополнувањата на Законот за кривична постапка, Законот за заштита на приватноста, познат како закон за „бомби“ , Законот за заштита на укажувачи и Законот за влада.

Дебата меѓу пратениците имаше само за гласањето на дијаспората, додека останатите минаа без собраниската дебата.

Со усвоените измени предвидено е да биде формирана собраниска Анкетна комисија од 16 члена, осум на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и четири на СДСМ, двајца на ДУИ, еден на ДПА и еден независен. Со комисијата ќе претседава член на СДСМ. Целта на оваа комисија е да ги испита околностите под кои се случи аферата со прислушувањето.

Во однос на Изборниот законик, промените носат зголемување на ингеренциите на Државната изборна комисија, така што овој орган ќе може да покренува прекршочни и кривични пријави. Што се однесува до гласањето на дијаспората предвидено е три изборни единици да се трансформираат во една со минимум од околу 6.000 гласови за избор на пратеник.

За Законот за укажувачи, познат како закон за свиркачите, се уредува заштитата на оние лица кои откриваат криминал или незаконитост во институциите на државата, или во приватни фирми.

Усвоен е и Законот за влада со кои се регулираат ингерециите на новите министри и заменици министри од редовите на СДСМ. Усвојувањето на овој закон дава зелено светло за избор на новите владини функционери од опозицијата.

Според договорот, нов министер за внатрешни работи ќе биде Оливер Спасовски, а министерка за труд и социјала Фросина Ременски од СДСМ. Нивни заменици ќе бидат актуелните министри Митко Чавков и Диме Спасов. СДСМ доби и заменички места во министерствата за финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација, на кои треба да бидат избрани Кире Наумов, Љупчо Николовски и Александар Кирацовски.

Оваа седница за избор на новите функционери ќе се одржи во текот на денот.

XS
SM
MD
LG