Линкови за пристапност

Протести низ Македонија


Од протестите во Скопје петокот
Од протестите во Скопје петокот

Во Тетово дошло до ескалација

За разлика од петочните немири коишто прераснаа во вандализам и судири со полицијата, протестите во неделата во Скопје по повод пресудите доживотен затвор на шестемина обвинети за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро беа мирни. Групата од неколку стотини млади лица тргнала од џамијата Јахја паша, за на главната крстосница пред објектите на судовите да биде пречекана од полициски единици и оклопни возила. Сепак, покрај навредите упатени кон обвинителката во т.н. „Случај Монструм“ и кон министерката за внатрешни работи, на протестите немало судири.

По најавите на социјалните мрежи, освен во Скопје, во недела протести се одржуваа и во уште неколку градови во Западна Македонија кадешто живеат етнички Албанци. Според медиумите, во Тетово околу 14 часот се собрале приближно 1.500 демонстранти за да го изразат својот револт против пресудите, а кога толпата којашто извикувала „Али (Ахмети) предавник!“ се обидела да се упати кон седиштето на ДУИ во Мала Речица, полицијата ги спречила. По обиди да се пробие барикадата и полицискиот кордон, полицијата употребила шок-бомби, при што се полесно повредени двајца демонстранти. Според медиумите коишто ги пренесуваат извештаите на порталите на албански јазик, неколку стотици демонстранти протестирале во Гостивар, во Кичево и во Струга.

И саботата имаше обид за протести во скопската Општина Чаир, на коишто се фрлани петарди и камења кон објектот на Општината, но според МВР, се работело за неколу десетици главно малолетни демонстранти, коишто си заминале без полициска интервенција.

По петочните судири на скопските улици во коишто имаше и повредени припадници на полициските сили, Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на САД, Мисијата на ОБСЕ и Мисијата на НАТО издадоа заедничко соопштение. Во нго се вели дека секој има право на протест, но не на вклучување во насилни акти.

„Ги повикуваме граѓаните да останат смирени и да се воздржат од насилство. Ги повикуваме граѓаните и лидерите на државата да се соединат и во дух на конструктивен дијалог да се осврнат кон прашањата кои ги поткопуваат заемното разбирање и меѓуетничките односи“, стои во изјавата во којашто се потенцира и дека „додека секој меѓуетнички инцидент или обид за поттикнување нетолеранција претставува можност за политизирање или искористување на ситуацијата за лична или политичка корист, тоа исто така, претставува можност за отворање дијалог и за зајакнување на врските меѓу различните заедници“.

Со загриженост поради настаните реагираше и владејачката ДУИ. Партијата апелираше сите инволвирани страни максимално да се воздржат од насилство, бидејќи таквите настани „не помагаат ниту во процесот, ниту на осудените, ниту на семејствата, но ниту на оние кои се обидуваат да придонесат преку институционален пристап кон решавање на овој многу сложен случај“. ДУИ истакнува дека од трагичниот настан па се` до денес бара сторителите на кривичното дело да излезат пред правдата и вината да се докаже со факти и силни докази, како и дека на средби со семејствата на првостепено осудените и адвокатите на одбраната било констатирано дека Апелациониот суд треба да ги има предвид општата загриженост што се појави во текот на судењето во првиот степен.

Реагираше и официјална Тирана - апелираше за воздржаност и ладнокрвност. Министерството за надворешни работи на Албанија побара „македонските власти и надлежните судски инситуции да гарантираат праведно судење засновано врз докази за шестмината Албанци“.

Покрај осудата на насилството, албанската невладина организација „Разбуди се“ сепак повика и на нови протести. Според неа, полицијата употребила повеќе од потребна сила над демонстрантите и затоа го повика МВР да поведе постапка против дел од припадниците на специјалните единици. „Разбуди се“ наведува дека петочните настани во Скопје биле иницирани и од завршните зборови на обвинителката Гордана Гешковска, против која организацијата покрена и постапка пред Советот на обвинители. „Разбуди се’ повика и на нови протести со јасно дефинирани барања како нивна цел.

На насилството од петокот реагираше и прозваната обвинителка. Гешковска смета дека „секој има право на протест, но вакво насилство не може да се одобри. Целта е преку ваков притисок осудените да не одговараат кривично“. Таа за „Дојче Веле“ изјави: „Дефинитивно, ова е напад на судот како независна институција. Никој нема право да ги коментира судските одлуки, а не, пак, вака да се однесува. Ова е пресуда на првостепен суд. Осудените имаат право на жалба и на постапка пред повисоките судови. Тоа се чекорите што можат да се преземат. Преку насилство ништо не се решава“.

А по повод известувањето на дел од медиумите, денес се огласи и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Партијата протестира против „директните или индиректни обвинувања, инсинуации и предрасуди на дел од албанските медиуми кои пресудата во случајот „Монструм“ ја сметаат и прикажуваат како политичка, партиска или донесена под политички притисок“. Во партиското соопштение се тврди дека „ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство никогаш не би си дозволило да бара или да врши притисок на суд или судија за било што, а најмалку за некои луѓе да бидат осудени на доживотен затвор, а при тоа да се невини или да нема докази дека се виновни“. Владејачката партија е децидна дека „никогаш не би оправдале убиство врз невини луѓе од која и да се вера и националност, ниту би застанале во заштита на убијци независно дали се Македонци, Албанци, Турци или било што друго. Но, исто така, никому од било какви причини не би подметнале обвинение за убиство ако е невин, ниту би поддржале такво нешто, ниту е наша работа да одредуваме кој е виновен, а кој не, затоа што тоа е работа само на судот“.

Инаку, МВР соопшти дека се идентификувани 24 учесници во насилните протести од петокот, од коишто шестмина се изведени пред судија на претходна постапка со кривична пријава за основано сомнение дека сториле кривично дело „учество во толпа и спречување на службено лице при вршење на службено дејствие“. Помошник-министерот за внaтрешни работи Иво Котевски изјави дека полицијата „интензивно продолжува да работи на целосно расчистување и документирање на агресивните и исклучително насилни протести од петокот, односно на идентифиување на сите вандали и хулигани кои ја каменуваа полицијата, ги повредија полициските службеници и ја оштетија зградата на Судот“

Според медиумите на албански јазик, вчера, меѓу останатите, биле приведени и Даим Хисени, претседател на Здружението на албанската култура, којшто бил задржан три часа во полицијата, како и Бесим Ибраими, новинар на медиумот на албански јазик „Лајм“, под сомнение дека учествувал во немирите пред Општина Чаир. Ибраими денес бил пуштен на слобода.

XS
SM
MD
LG