Линкови за пристапност

Еуфорија против политиката на актуелната власт


Со пораките од Семакедонскиот протест, се упатуваат барања за радикално менување на државната надворешна политика

Протестот за одбрана на државата и идентитетот на нацијата се одржа на годишнината од почетокот на протестите на движењето „За заедничка Македонија“, кои на 27 април ескалираа со крвавите насилства во Собранието, по кои, дел од организаторите беа уапсени и осомничени со други учесници во нападот врз пратеници и претставници на извршната власт - за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Владиката г. Агатангел, митрополит повардарски, член на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија беше еден од говорниците од бината поставена спроти Парламентот: „Болката на нас, Македонците, е голема и продолжува. Нашата сакана земја македонска е распарчена на три дела – Беломорска (Егејска – н.з), Пиринска и Вардарска. Му благодариме на Господа што ни го сочува овој вардарски дел, ни го даде за да можеме како народ македонски да се издигнеме духовно и да ги зачуваме спомените на нашите прадедовци кои лежат во нашата македонска земја. Секоја педа од македонската земја, и во Пирин и во Егеј, е натопена со македонска крв! Секој камен да го кренеш, ќе го слушнеш плачот на каменот за пролеаната крв на нашите дедовци и прадедовци и на нашите браќа и сестри“, рече тој.

Наспроти ставот на МПЦ-ОА дека свештените лица треба да не се мешаат во политиката, веднаш до Агатангел, на бината беше, и им се обрати на насобраните демонстранти, и владиката г. Петар, митрополит пелагониско-преспански.

... поголемиот дел од протестот беше во знакот на политичката, националната и религиската исклучивост

„Господ да ни е на помош, зашто без Господа оваа татковина и нашата нација и црква нема да опстојат! Само Господ може да ја спаси Македонија, во оваа ситуација кога сме понижени до тој степен! Ние самите да си направиме наше конечно и духовно и национално опстојување“, рече г. Петар кој го прочита ставот на Синодот, според него, едногласно прифатен на седницата од 26 декември минатата година.

„САС на МПЦ-ОА ги реафирмира своите досегашни непроменливи ставови и апелира до државните фактори да го зачуваат Уставот, да не се менува уставната позиција на македонскиот јазик, да не се отстапува од македонскиот национален идентитет и да се сочува унитарниот карактер на Република Македонија“, прочита г. Петар.

Иако еден од организаторите, Светскиот Македонски конгрес, ги повикуваше „сите Македонци, по потекло и државјанство, на масовно присуство на Семакедонскиот протест“, поголемиот дел од протестот беше во знакот на политичката, националната и религиската исклучивост.

Говорите на свештениците беа поздравени со гласно скандирање на дел од учесниците на протестот во првите редови до бината, кои облечени во црни брендирани јакни со ознаки „Христијанско братство“ и „Македонски ослободителни сили“, со црни маски, шамии, и „фантомки“, Воодушевени од говорите на владиците, дел од нив гласно коментираа дека двајцата архиереи, Петар и Агатангел „ја одбраниле честа на МПЦ-ОА, а дека архиерерите кои се залагале на немешање на црквата во политиката, бесрамно застанале зад продажбата на идентитетот на Македонците“.

Ниеден од тие народи што сакаат да нè избришат не постои во Библијата
г. Агатангел

Наспроти доаѓањето на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас во Скопје неделава, кој треба да го донесе Нацрт-предлогот за решавање на спорот за името со седум точки, кои ги опфаќаат името, опсегот на неговата употреба, јазикот, идентитетот, трговските марки, кратенките и акронимите, останува отворено: кому му беа упатени дел од пораките од митингот, навредите за „предавниците“, и особено, иконографијата, со транспарентите за „една нација, еден јазик“, со бројните крстови со распнатиот Исус, со икони на Богородица, и со знамиња со сонцето од Вергина.

Со голем емотивен набој кај учесниците на протестот беа прифаќани настапите, веќе видени, како дел од македонскиот политички фолкор, во кои беше порачувано и дека „Македонците се деца на Сонцето и на Големата Мајка“ (Виолета Ачковска), дека „народот ќе ги лови оние кои ќе го продадат името, како Визентал нацистите“ (Тодор Петров), дека „ако со илјадниците песни напишани со љубов за татковината, Македонија не влезе во Гинис, тоа ќе биде срам за Гинис“ или дека „името наше, македонско, дури и ние не го ставивме, Господ го ставил и во Новиот и во Стариот завет, повеќе од 30 пати е спомнато“ (г. Петар). Или дека „нашата земја македонска е запишана во Библијата и сега некој сака да нè избрише, а зошто сака? Ниеден од тие народи што сакаат да нè избришат не постои во Библијата!“ (г. Агатангел)...

... со барањата ... всушност, се повикува на откажување на политиката на затоплување на односите со соседите.

Уште поеуфорично, масата демонстранти ги дочека барањата „на Македонците од татковината и од светот“, кои се сведуваат на откажување од целокупната надворешната политика на актуелната власт, насочена кон помирување со соседите. Зашто, со барањата за „безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во ООН и во сите меѓународни организации под државното име Македонија“ и за „поништување на Договорот за доброседство со Бугарија што го потпишаа на 1 август премиерите Заев и Борисов“; всушност, се повикува на откажување на политиката на затоплување на односите со соседите.

А настапот на претседателот на СМК, Петров, кој на протестот рече дека воениот конфликт во 2001, не бил меѓу Македонците и Албанците или меѓу христијаните и муслиманите, туку ги обвини САД, е во контекст на барањата на партијата „Народно движење за Македонија“ (чие преименување во „Единствена Македонија“ засега не доби дозвола од надлежните) за радикален пресврт во надворешната политика на Македонија, заснована на евроатлантските интеграции, „со повлекување на актите за прием на Македонија во НАТО и ЕУ и за членство на Македонија во Евроазиската економска унија и за стратешко партнерство со Русија“.

Или со барањето на организацијата Фронт за демократска Македонија, за започнување на преговори за конфедерација меѓу Македонија и Турција, затоа што, „Република Турција како осведочен пријател на Република Македонија, максимално коректно го почитува територијалниот интегритет, суверенитет и идентитет, името, знамето, Уставот и јазикот на Македонија“.

Барањата пак, „за повлекување на Законот за употреба на јазиците и за итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието од 27 април 2017 година“, можат да доведат до туркање и враќање на Македонија во долгогодишната внатрешно-политичка криза и до кршење на законите, со политичко амнестирање на виновниците за крвопролевањето во законодавниот дом.

Дистанцирањето на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ од протестот, иако најголем дел од говорниците важеа за поддржувачи на политиката на оваа партија додека беше на власт, предизвика кај демонстрантите поистоветување на „предавниците“ од обете сопернички страни на политичката сцена, преку свирежите упатувани од масата и кон „странските платеници од власта“ и кон „молчаливците од опозицијата“. Иако, ВМРО-ДПМНЕ, која две децении се самодефинираше како „најмакедонска партија“, официјално не се изјасни за оградувањето од Семакедонскиот протест, дел од коментарите на социјалните мрежи беа дека опозицијата, без можност да го контролира протестот, не сакала да биде доведена во позицијата од 27 април.

Актерот Тони Михајловски пред протестот ги предупреди учесниците да внимаваат да не бидат наместени: „Не ме заобиколува претчувството дека некој ги мести и прозива вмровците за нови обвиненија за тероризам, и бесконечни и безумни притвори. Како што веќе нè наместија, да излеземе ѕверови желни за крв во очите на светот. Отворено сакаат да го поништат ВМРО-ДПМНЕ оти тогаш ќе им биде полесно во распарчувањето и распродавањето. Внимавајте Македонци, внимавајте!“, напиша Михајловски.

Сепак, протестот на неколку илјади граѓани заврши главно, мирно, со веќе „традиционалните“ пцости и клетви на предавниците и со два-три извика, упатени кон финансиски помоќната дијаспора: „Дајте оружје!“

МВР денеска соопшти дека за време на протестите бил повреден полицаец кој го обезбедувал седиштето на ЕУ од лица кои фрлаале камења, при што еден камен го погодил полицискиот службеник во пределот на левата натколеница. Едно лице пак, било приведено откако кај него биле пронајдени шишиња со запаллива течност, а неколку непознати лица запалиле знамиња на Грција и на Албанија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG