Ова е резултатот од синоќешните протести во центарот на Скопје кои кулминираа со судир меѓу полицијата и неколкуте илјади демонстранти кои своето незадоволство од одлуката на претседателот Иванов за помилување на меѓудругото екс-државниот врв и актуелната партиска елита на ВМРО-ДПМНЕ, го истурија врз народната канцеларија на шефот на државата. Објектот беше целосно демолиран.
Дел од инвентарот заврши во пламен фрлен на булеварот што минува низ центарот на градот.
Полициските единици возвратија. Дванаесетмина се приведени, повреден е еден новинар и еден фоторепортер во налетот за разбивање на насобраните демонстранти.
Протестот организиран од Граѓанската акција „Протестирам“ стартуваше од пред зградата на Специјалното јавно обвинителство како знак на поддршка за работата на тимот на Катица Јанева. Насобраните потоа се упатија кон Собранието каде беа запрени од полициски кордон. Демонстрантите по одреден период го пробија ѕидот полицајци и се најдоа пред Парламнетот. Оттаму намерата им беше своето незадоволство да го изразат пред седиштетото на владејачката ВМРО-ДПМНЕ што полицијата не го дозволи. По неколку тензични моменти масата граѓани се врати пред Народната канцеларија на Ѓорѓе Иванов кадешто протестот кулминираше. Уништениот објект сведочеше за настанот.
Паралелно со овој протест и Граѓанското движење за одбрана на Македонија, поддржано со автобуси од внатрешноста на земјата организираше собир за кој се тврди дека е излив на незадоволство зошто Ѓорѓе Иванов меѓу другите ги помилувал и Зоран Заев и Зоран Верушевски. Демонстрантите од центарот на градот продолжија да протестираат пред седиштето на СДСМ. Овој собир на поддржувачите на власта помина без инциденти.
Акцијата „Протестирам“, која бара избор на експертска влада, поместување на датумот на одржување на изборите и оставка на Иванов најави нови собири, особено како што велат, гласен ќе бил оној предвиден за утре.
Во текот на синоќешните протести се огласи и лидерот на СДСМ кој во гостувањето на една телевизија повика на смиреност и мирно изразување на револтот на граѓаните.
Кризата може да се реши само со политички средства, а не со насилство, порача на својот твитер профил еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
„Ги повикувам сите политички партии и одговорни граѓани да се воздражат од акти на насилство. Кризата може да се реши само со политички средства. Одговорност на политичарите е да се вратат на преговарачка маса“ - порача Хан по насилните протести во Скопје.