Линкови за пристапност

Од собирот порака за прекин на разговорите за името


Над три часа под врнежи од снег, неколку илјади граѓани во центарот на Скопје, протестираа "за одбрана на државата и на идентитетот на нацијата"

Долго најавуваниот Семакедонски протест за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата се одржа вечерва во Скопје, во организација на Светскиот македонски конгрес (СМК), движењето „Сите за унитарна Македонија“ (СУМ), Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Македон“, организациите „Тврдокорни“ и „Македонски манифест“, Сојузот на Македонците со исламска религија, здруженија на бранителите и македонски патриотски здруженија.

По повод годишнината од почетокот на протестите на движењето „За заедничка Македонија“, на 27 февруари 2018 (кои подоцна кулминираа со крвавите настани во собранието на 27 април), вечерва во 18 часот, дел од учесниците на протестот се собраа пред Мисијата на Европската унија во Скопје. Оттаму маршот, на кој му се придружуваа патем нови демонстранти, низ блокираниот центар на престолнината, со патриотски песни, транспаренти на македонски и на англиски јазик за одбрана на името, повремени навредливи скандирања против „предавниците и душманите“, да продолжи сè до Собранието на Република Македонија,

На учесниците на протестот пред Собранието им се обратија Сотир Костов, поетот Ефтим Клетников, историчарката Виолета Ачковска, претставници на иселениците од Европа, претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, и иако претходно, владиката г. Тимотеј изјави дека не е работа на Црквата да се занимава со спорот за името - „наше е да шириме мир, љубов и разбирање меѓу луѓето, а не да работиме на нивно разидување“, дури двајца членови на Светиот синод на МПЦ–ОА, владиците г. Петар, митрополит преспанско – пелагониски и г. Агатангел, митрополит повардарски.

Безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во ООН и во сите меѓународни организации под државното име - Македонија, беше едно од барањата на организаторите

Во име на организаторите во кои, како што беше речено, биле вклучени и иселенички организации на македонските заедници во Западна Европа, САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд и ЈАР, беа изнесени барањата: безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во ООН и во сите меѓународни организации под државното име -Македонија; повлекување на Законот за употреба на јазиците, односно отфрлување на употребата на албанскиот како службен јазик на целатата територија на Македонија; повлекување на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, потпишан од премиерите Заев и Борисов и итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година. Организаторите најавија дека барањата ќе ги достават до Претседателот на Македонија, Собранието, Владата и до сите странски амбасади во Македонија.

Пред протестот на социјалните мрежи се појавија и барања на дел од организациите на македонската дијаспора, според кои, не се прифатливи ратификација на меѓународен договор и промена на Уставот со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Ако не се прифатат барањата, иселениците бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори со обезбедување услови за остварување на избирачкото право за иселениците (Седмата изборна единица). Според одделни медиумски најави, дел од транспортните трошоци за учесниците на вечерашниот протест од внатрешноста на Македонија, платиле македонските иселеници, но официјална потврда – немаше.

Протестот пред парламентот заврши мирно, со според дел од медиумите, едно запалено знаме на Грција. Иако со денови беа повикувани граѓаните – „На 27 февруари, цело Скопје да биде во црвена боја“, во студената, снежна ноќ, до израз дојде црната боја. Преку „униформите“ на главно млади луѓе, дел од нив маскирани, со качулки, „фантомки“, беретки или само со ешарпи на главите или на лицата, и со јакни со натпис „Христијанско братство“ на македонски и на англиски јазик, и во помал дел со натпис „Македонски ослободителни сили“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG