Линкови за пристапност

Над 80 пратеници ќе расправаат за смената на Зврлевски


Над 80 пратеници ќе расправаат за смената на Зврлевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:06 0:00

Државниот обвинител има можност да се обрати пред пратениците, но, засега не се знае дали тој ќе го стори тоа

Разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски е на дневен ред на работата на Собранието, по речиси една недела одлагање.

Сепак гласањето ќе мора да се почека, бидејќи над осумдесет пратеници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и од БЕСА, побараа збор и ќе учествуваат во расправата.

Според процедурата, претставник од Владата, пред пратениците го образложи предлогот за смена, во кој наведе дека Зврлевски потфрлил во неговата улога, не дејствувал, а како примери ги наведе случаите 27 април, Диво Насеље, незаконското прислушување и Сеад Кочан

На барање на опозицијата спикерот Џафери даде еден час пауза.

Обвинителот Зврлевски има можност да се обрати пред пратениците, и да се произнесе, но, засега не се знае дали тој ќе го стори тоа.

Смената на Зврлевски беше причината поради која пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ формираа десет пратенички групи, и назначија исто толку координатори. На тој начин речиси ја стопираа работата на Парламентот, слично како што беше и со изборот на спикерот Џафери.

Според деловникот, тие имаат право на 15 минути збор, реплики и на процедурални забелешки, но, и право во кое било време да побараат едночасовна пауза на работата на Собранието.

Премиерот Зоран Заев, веднаш по стапувањето на функција, побара од Зврлевски да си поднесе оставка, и во неколку наврати изјави дека реформите во правосудниот систем почнуваат токму со него

СДСМ со години наназад го посочуваше Зврлевски како човек кој ги штити криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие наведуваа примери за неговата селективност при отворање на постапките, а најмногу критики беа упатени поради инертноста во истрагите околу материјалите за нелегалното прислушување, кои му беа доставени.

Обвинителството со месеци не најде ниту еден доказ за корупција и злоупотреби на функциите кај функционерите кои беа во снимките, ниту пак некој од нив беше повикан на разговор.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, се стави во одбрана на Зврлевски, обвинувајќи го СДСМ дека позадината на барањето за разрешување е спас од одговорност за предметите кои се водат против функционери од оваа партија.

Последен во низата скандали, поврзани со обвинителот Зврлевски, беше грчката фирма „Актор“, која го гради автопатот Демир Капија - Смоквица.

Грчките власти објавија дека отвориле истрага против „Актор“ за перење пари во износ од 50 милиони евра.

СДСМ уште во 2014-та година достави докази дека претставници на грчката фирма перат пари, но, Обвинителството го држеше предметот „под мраз“ и на крај го затвори, бидејќи не открило ништо сомнително.

Марко Зврлевски беше именуван за Јавен обвинител во јануари 2013-та година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG