Линкови за пристапност

Се зголемуваат политичките тензии по инцидентот во Шутка


ЕУ осуди каква било форма на насилство по инцидентот во Шутка
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Со оглед на тоа што Владата го именува директорот на затворот во Шутка, очекувам тој в понеделник да си поднесе оставка, изјави премиерот Зоран Заев

Се зголемуваат политичките тензии - инцидентот во затворот „Шутка“ во кој беа инволвирани екс-министри-притвореници, дополнително ги електризираше односите меѓу власта и опозицијата, кои веќе беа нарушени со приведувањата на Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

„Јас се слушнав со директорот на затворот за инцидентите во Шутка. Тој ми поднесе устен извештај дека притвореното лице Спире Ристовски со погрдни зборови прв вербално нападнал друго затворено лице, а потоа за многу кратко време се случил уште еден таков инцидент. Тоа не може да се толерира. Со оглед на тоа што Владата го именува директорот на затворот во Шутка, очекувам тој в понеделник до Владата да си поднесе оставка“, изјави премиерот Зоран Заев.

Директорот Ѓорѓи Котевски најави дека ќе го реализира барањето на Заев. Но, тоа не е доволно за ВМРО-ДПМНЕ. За оваа партија станува збор за политички прогон и деспотизам.

„Оставката на Ѓоко Котевски не смее да биде замена за истрага за случајот, не смее да биде забошотување за да се дојде до вистината кој стои зад овој грозоморен чин. Кои се организаторите, кои се нарачателите? Одговори на овие прашања не смеат да бидат заборавени или да потонат во сенката на оставката на Котевски“., изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Градската болница каде вчера од Шутка беше пренесен Јанакиески информираа дека по извршениот преглед кај екс-министерот не се констатирани никакви телесни повреди. Ова, за владејачката СДСМ е потврда дека станувало збор за сценарио на опозицијата.

„Сценариото преку лажни вести и невистини дека имало скршени раце ја потврдува намерата на Мицкоски и Груевски за дефокусирање на јавноста од она што значи одговорност за 27 април“, рече Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.

Делегацијата на ЕУ остро осуди каква било форма на насилство и изрази загриженост за инцидентот во затворот за што очекува истрага.

И Народниот правобранител отвори предмет за случувањата во Шутка каде од завчера Јанакиески и Ристовски се во 30-дневен притвор поради сомнение дека заедно со Никола Груевски, Трајко Вељновски и Никола Бошковски ги организирале настаните од 27 април.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG