Двајца професори по право и еден доцент, експерт за надворешна политика, во понеделник ја почнуваат трката кон кабинетот во претседателската вила на Водно кога и официјално ќе стартува кампањата за шестите претседателски избори во Македонија.
Силите ќе ги одмерат Гордана Силјановска зад која стои опозициската ВМРО - ДПМНЕ, Стево Пендаровски од владеачкото мнозинство и Блерим Река кој е заеднички кандидат на крилото на БЕСА и Алијансата на Албанците.
Ждребот во Државната изборна комисија му го додели бројот 1 на избирачкото ливче на Река, а потоа следуваат Силјановска па Пендаровски.
Анкетите покажуваат дека во вториот круг ќе се борат Пендаровски и Силјановска, а во моментов меѓу нив разликата е само неколку поени. Според експертите клучните поенти преку кои ќе се ловат гласовите ќе бидат промената на името и евроатлантските интеграции.
Прва својата кандидатура ја официјализираше Силјановска кој уште во февруари ја доби поддршката на конгресот на ВМРО – ДПМНЕ убедливо поразувајќи го против кандидатот Влатко Ѓорчев. Иако претседателот на партијата во речиси секој јавен настап ја изразува поддршката дел од членството и симпатизерите на опозицијата се со резерви поради нејзиното активно учество и ангажман во претходните состави на Владата водени од СДСМ.
Набрзо следуваше промоцијата на Блерим Река како кандидат на опозицијата од албанскиот политички блок и остана да се чека на одлуката на владеачката коалиција. Изборот, за многумина очекувано, падна на Стево Пендаровски како консензуален кандидат кој ќе ја добие поддршката и гласовите на ДУИ и настапува под слоганот „Заедно напред“.
Со собрани десет илјади потписи прв својата кандидатура во ДИК ја поднесе Блерим Река, додека Пендаровски и Силјановска чекаа до последниот ден од рокот, 21 март, за да го сторат истото. Потписите за кандидатурите ги собраа за само неколку часа во обид да се претстават како натпартиски кандидати
Додека се чека на стартот на кампањата Пендаровски и Силјановска веќе излегоа на терен активно одржувајќи средби со граѓани и симпатизери под маската на партиски активизам. Битката за гласови се вжешти на социјалните мрежи преку видеа, пораки и лајв-стримови. Од ДИК реагираа на ова и побараа кандидатите да се воздржат и да почекаат до понеделник.
Лидерите на големите политички партии и спикерот Џафери апелираа до кандидатите и граѓаните за фер и чисти избори бидејќи се клуч во напредокот на државата и продолжувањето на интеграциите во ЕУ и НАТО.
Првиот круг на шестите претседателски избори ќе се одржи на 21 април а вториот круг e закажан на 7 мај.
Facebook Forum