Линкови за пристапност

Младите во фокусот на претседателската трка


Несогласувања дали тие ја напуштаат или се враќаат во Македонија.

Четирите кандитати за највисоката функција во државата ги интензивираат изборните кампањи. Во текот на еден ден минуваат повеќе помали места и градови, среќавајќи се со граѓаните во обид да ја придобијат нивната поддршка.

Социоекономската ситуација во Македонија, а посебно перспективите на младите се во фокусот на изборната кампања.

„Македонија се менува. Се менува затоа што економијата ни расте. А кога ни расте економијата, се` расте во државата, и платите, и пензиите, и субвенциите, и социјалната помош. Се` расте во државата. Само едно нешто опаѓа – невработеноста. Правиме се`, сите што се иселиле од Македонија да се вратат повторно во Македонија. Да видат дека додека беше светската економска криза од 2008-ма година па наваму, кога многу силни економии тешко се справуваа со оваа криза, Македонија постигнува резултати. Резултати кои ги бележат најкомпетентни надлежни институции во светот, кои ги следат сите промени и кажуваат дека Македонија успева“, вели кандидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов.

Неговиот ривал Стево Пендаровски, кандидат на опозицискиот СДСМ, ги критикуваше состојбите во државата на социоекономски план, предупредувајќи на опасноста од иселувањето на младите.

„Не пропаѓа ниту Америка, ниту Европа. Да пропаѓаа, немаше вашите деца да го бараат лебот таму. Сега е вистинскиот момент да ја вратиме комозицијата Македонија на вистинскиот колосек. Да го вратиме животот во Македонија“, кажа Пендаровски.

Младите и нивните перспективи се во фокусот и на кампањата на кандитатот на ГРОМ, Зоран Поповски.

„Мора да создадеме држава во која младите ќе останат и нема да си заминат. Економијата да ја подигнеме на повисоко ниво и буџетските средства да се трошат порационално, да обезбедиме средства за самовработување на младите луѓе, да ја деполитизираме администрацијата со што ќе обезбедиме средства за ангажман на младешкиот потенцијал“, рече Поповски на средбите со граѓаните.

Што се однесува до единствениот кандидат од етнички-албанската заедница, Илијаз Халими од ДПА, тој во настапите се обидува да ја неутрализира кампањата на владејачката ДУИ што од етнички-албанското население во Македонија бара да ги бојкотира претседателските избори бидејќи, како што вели, не е понуден консезуален кандидат, прифатлив за сите граѓани на Македонија.

„Имам голема подршка, иако една политичка партија излезе со став да се бојкотираат изборите. Не верувам дека граѓаните во ова време, во 2014-та година ќе одат по директивите на некој што има политички математики и што ќе им каже седете дома и немојте да излезете на денот на изборите. Граѓаните размислуваат со своја глава“, порача Халими.

Кандидатите што учествуваат во трката за освојување на функцијата шеф на државата засега се воздржуваат од посериозни меѓусебни обвинувања и кампањата, според повеќето оценки, минува во мирна атмосфера.
XS
SM
MD
LG