Линкови за пристапност

Северна Македонија во исчекување на пораката на папата


Папата ќе се сретне со официјалните власти на државата, со граѓанското општество и со дипломатскиот кор, но за сите што ќе дојдат на плоштадот на Скопје ова ќе биде прилика повторно да се почувствува заедништвото на народот по политичките турбуленции

Скопје ги заврши последните подготовки за пречек на големиот гостин, Папата Францис, кој за неколку часа ќе пристигне во прва официјална посета на Северна Македонија. Улиците се исчистени, знамињата се веат и оградите се поставени околу локациите каде ќе престојува и ќе се движи поглаварот на Римокатоличката црква. Конфузијата со одредување на 7-ми мај за работен или неработен ден заврши речиси во минута до дванаесет кога Владата реши утре да биде неработен ден. Тоа наедно ќе значи и поголема излезност на граѓаните на улиците за настанот, што беше до некоја мерка дискутабилно судејќи по издадените бесплатни влезници без кои никој не ќе може да дојде поблиску до маршрутата на папата.

На оние кои живеат поблиску до центаралното подрачје со поглед на плоштадот им е речено да не излегуваат на балконите и да ги затворат завесите на прозорците од безбедносни причини. Гостите во хотелите ги добија истите инструкции.

Новинарите ќе имаат можност настаните да ги следат и да известуваат од Медиумскиот центар сместен во Домот на Армијата. Она што ќе се случува на градскиот плоштад и насекаде, ќе биде пренесувано само од Националната Телевизија.

​Овие фотографии ги направивме во доцните попладневни часови во понеделникот, кога сообраќајот беше пренасочуван во голем лак околу центарот на градот. Вечерните часови донесоа вистинска пустош во градот во пресрет на пристигнувањето на папата за што допринесе и дождот и релативно студеното време.

Латентната загриженост за обезбедувањето се забележува на секој чекор. Цивилни и униформирани лица ги надгледуваат објектите на проектираната патека по која ќе се следи секој чекор и секој збор на папата Францис.

Во чест на настанот, единствен во историјата на државата, денеска беше издадена и поштенска марка што беше промовирана во Собранието.

Јавниот сообраќај, вклучувајќи го и железничкиот од и до Скопје за денот ќе биде бесплатен.

Од сите активности на папата во тие неколку часа кога тој ќе престојува во градот, најголема возбуда носи Светата Литургија на плоштадот до каде папата ќе стигне во неговиот "папамобил".

Некои медиуми го поставија прашањето "историски настан или сензација" . Сепак, расположението во градот е позитивно и луѓето отворено се радуваат на промените во градот по повод посетата. Некои гледаат и подлабоко - како на можност за сплотување, особено по вчерашните претседателски избори во земјата кои на политички план беа отрезнување за секоја од страните, и порака дека жителите сакаат да живеат подобро и ако тоа не е случај, не простуваат. Посетата на папата доаѓа во вистинско време за колективно земање здив, по што треба да се засукаат ракавите и да се работи на промена - кон подобро.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG