И на парламентарните избори 2016-тата, и на локалните избори 2017-тата, бројни предизборни ветувања и беа презентирани на македонската јавност во поглед на заштитата од загадувањето на воздухот, почвата, водите... По две години, и понатаму, охридските и струшките активисти со месеци протестираат против урбаната мафија и хаосот во градежништвото - за заштита и спас на крајбрежјето на Охридското Езеро; скопските и битолските борци за квалитетна животна средина се обидуваат да предизвикаат конкретни активности за намалување на енормното загадување на амбиенталниот воздух, кое на нивните средини редовно им обезбедува врвни места на топ-листите на светските градови со највисока аерозагаденост; тетовчани ја прозиваат локалната власт и не се помируваат со проблемите што ги создаваат загадувачите – индустријата и депонијата, а пробиштипските еколози тврдат дека новата челичарница е дивоградба за чие функционирање, како загадувач од тешката индустрија не треба ни да се помислува...
Иако во дел од традиционалните медиуми и особено на социјалните мрежи, сè поприфатени се ставовите за неминовноста од посериозен ангажман на граѓаните во сферата на екологијата и заштитата на животната средина и од поттикнувањето на централната и на локалните власти да реагираат на нивните протести и апели за поквалитетен живот, за жал, паралелно со созревањето на граѓанската свест, кај дел од активистите, сè поприсутна е резигнираноста, токму поради индолентниот однос на надлежните институции.
Светлана Станковска, дипломиран биолог и граѓанска активистка, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик тврди дека во Пробиштип ништо ново не се случува во однос на екологијата и еколошките проблеми!
„На повидок е единствено дивоградба! Челичарницата во Пробиштип, Г1 –тешка загадувачка индустрија, до пред изборите беше – загадувач, по изборите работодавач! Ништо не се промени, за жал, сè уште се продолжува со тезата дека мора да има загадување за да има вработување!? За иронијата да биде поголема, челичарницата почна да ја гради претходната Влада, уште во 2016 година. Според податоците на Министерството за транспорт и врски, челичарницата во Пробиштип, добива дозвола за градба на 25 јули 2018 година, што значи, истата е изградена пред добивање на дозволата за градење и со самото тоа е дивоградба! Треба ли да ги потсетиме надлежните дека секоја дивоградба е кривично дело, а легализација на истата е амнестирање на делото? Сметаме дека законот за легализација на дивоградбите не треба да се донесе, затоа што се прави уште поголем хаос во урбанизмот. А на вакви објекти од Г1 – тешка загадувачка индустрија, воопшто не треба да се помислува. Граѓаните се прашуваат за кого впрочем, ќе се носи таков закон? Дали за обичните граѓани или за олигарсите!“, прашува Станојковска.
И отец Душко Груевски, граѓански активист во невладината организација „За нас се работи“, која беше позната по протестите против загадувањето во Битола, смета дека празните ветувања, останаа во изборните програми, а дека на терен, едноставно, не се работи.
„Власта на ВМРО-ДПМНЕ, во Битола ‘падна’ по 12 години, поради многу нерешени проблеми во општината, но еден од најгорливите, секако беше проблемот со загадувањето на животната средина. За тогашниот прв човек на Општината, тој проблем како да не постоеше! Тогашната опозиција, СДСМ, користејќи ги протестите на граѓаните токму за посочениот проблем, загадувањето го стави на приоритетна листа на ветувања. На битолчани им беше ветено дека СДСМ, штом ќе ја земе власта во свои раце, итно ќе се ангажира за намалување на загадувањето. Но, додека ВМРО-ДПМНЕ ветуваше топлификација, СДСМ сега ветува гасификација, како долгорочна мерка, за чија реализација е потребен подолг временски период! А загадувањето на воздухот во Битола е на ниво на елементарна непогода! Тоа го покажуваат сите релевантни извештаи и резултати, но актуелната локална власт ништо не презема“, вели Груевски во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик.
Станојковска пак, се жали на игнорантскиот однос на институциите и на нетранспаретноста на локалните власти.
„За жал, Пробиштип сè уште е во еколошки поглед изолиран од другите градови во државата. Веќе подолг период креаторот на апликацијата ‘Мој Воздух’ безуспешно се обидува да стапи во контакт со Општината која е надлежна за мерните инструменти што го мерат амбиенталниот воздух и ПМ-10 честичките. Иако петнаесетина мерни инструменти низ државата се приклучени на апликацијата, само Пробиштип не е приклучен и неговите жители не знаат каков воздух дишат! Што кријат надлежните и што не треба да знаат граѓаните? Како не се загрижени надлежните, имајќи предвид дека Уставот ни гарантира загарантирана чиста животна средина? Што треба да се случи за да проработи еколошката свест на граѓаните и вработените во институциите? Пробиштип беше и сè уште останува град со контаминирани почви во Европа, поради ‘жешката’ еколошка точка – јаловиштето, со Г1 - тешка индустрија во центарот на градот, со загадени води и секако, со аерозагадување...“, вели во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, пробиштипската активистка Станојковска
Груевски се прашува и дали членовите на локалната власт во Битола живеат во истата општина или „имаат некое скришно место заштитено со стаклено ѕвоно“ и потенцира дека „Битола не мрднува од мртва точка, затоа што сите ветувања останаа само на хартија, исто како и ветувањата на нивните претходници“.
„Ветија интегрирање на современо справување со комунален отпад, зголемување на бројот на зелените зони, зголемен инспекциски надзор, справување со сообраќајниот хаос, регулирање на паркинзите во градот, како и катни гаражи, нова стандардизирана депонија за комунален отпад... Ветија и итна времена замена на огревниот материјал за општинските и државните институции - до конечно реализирање на гасификацијата, систем за селектирање на отпадот уште при одлагање во домаќинствата, развој на националниот парк ‘Пелистер’, како и регулирање на проблемот со немање на колектор - пречистителна станица за хотелот ‘Молика’ и селата под Пелистер… Ветија и подобрување на патната и канализационата мрежа, стандардизација на РЕК Битола, интензивни пошумувања на околните голи ридови, десетици мерки за заштита на животната средина... Но, ништо од тоа не реализира!... Ќе ги потсетам надлежните на ветувањето дека ќе сторат сѐ за да се намали бројот на заболени од канцер, кој се јавува како последица на загадувањето во градот!“, вели отец Груевски во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик.
Реакциите на заштитниците на животната средина се сè почести и сè побројни ширум државата.
Во општината Новаци, реагираат поради наводно неправилниот третман на отпадот од Битола на депонијата Мегленци, што според активистите веќе со години се заканува со еколошка катастрофа. Скопските еколози алармираат дека поради нерешавањето на проблемот со депонијата во Тетово, секојдневно, околу 60 тони комунален отпад, се превезуваат со камиони и се истоваруваат на скопската депонија „Дрисла“, иако македонската престолнина е еден од градовите со највисока аерозагаденост во светот. Со долгодишното затворање на очите и на локалните и на централната власт околу проблемите со регионалните депонии, тетовскиот проблем сега се заканува да стане уште еден од скопските проблеми...
А без официјални информации, зачестени се и шпекулациите во јавноста дека опачината на хаосот се бизнис-интереси, па и дека на „Дрисла“ се согорува и опасен отпад увезен од странство без запазување на минимум стандарди... Од друга страна, молчењето на надлежните на обвинувањата на социјалните мрежи дека во Македонија наводно и се увезува опасен отпад и на барањата на еколозите за забранување на увозот на отпад чие третирање, на различни начини, според нив, учествува во зголемувањето на аерозагадувањето на воздухот, уште повеќе ги засилува сомневањата во јавноста. Особено поради тоа што не постои акредитирана државна лабораторија, која би го испитувала составот на отпадните материјали што се увезуваат во државата, како суровини за различни потреби на индустријата...
Токму поради зачестениот став во јавноста дека државните и локалните институции, иако се заинтересирани за животната средина, не ги решаваат стратешки проблемите, не носат ефикасни решенија за подобрување на животната средина и не се транспарентни во креирањето и спроведувањето на политиките, Институтот за комуникациски студии вчера, официјално ја започна кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај, реагирај“.
Кампањата која е во рамките на проектот „Промовирање на добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите“, ќе се реализира во текот на 2019 година, со фокус на темите: одржливи градови, здрава околина и климатски промени.
Facebook Forum