Линкови за пристапност

Собранието го ратификуваше договорот за името - ВМРО-ДПМНЕ бојкотира


Собранието го ратификуваше договорот за името
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Меѓународната заедница повика на смирување на ситуацијата и на мирни протести

Со мнозинство поголемо од потребното собранието го ратификуваше договорот за името меѓу Македонија и Грција. Во отсуство на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, 69-мина гласаа „за“, без ниту еден „против“ или „воздржан“. Пред изјаснувањето премиерот Заев уште еднаш објасни која е причината за спогодбата - повика на обединување за заедничка иднина.

„Наместо со горчина и гнев, од денеска натаму заедно да ги испишуваме идните страници со љубов и со надеж,со заедништво, со солидарност со взаемна радост за нашата и за иднината на нашата заедничка македонска држава. Ајде сите да ги поведеме граѓаните кон безбедна, стабилна, економска силна наша заедничка држава“, истакна премиерот Зоран Заев.

Според Заев, Северноатлантскиот совет денеска донел едногласна одлука да ја стави точката за покана на Македонија во јулскиот НАТО-самит на Алијансата, со што, како што рече, се остваруваат аспирациите на сите граѓани. Опозицијата која не беше во салата, пак обвини дека станува збор за капитулантски договор.

„Ова е срамен договор. Овој договор е измама на октроираната влада на СДСМ. Народот се чувствува разочаран, потиштен и излажан затоа што знае дека овој договор нема да донесе подобар живот. Затоа Заев мора да падне, а Македонија да победи“, кажа Наум Стоилковски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓународната заедница повика на смирување на ситуацијата и на мирни протести.

„Одлуките поврзани со договорот се суверени одлуки на Македонија и на Грција, ние го поддржуваме процесот, очигледно овој договор е компромисен за да се задоволат барањата на двете страни. Ние сметаме дека договорот тоа го прави. Граѓаните имаат право на мирни протести, но и ќе кажам дека насилството не е дел од тоа право“, истакна Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија.

Сега, по ратификацијата на договорот, на потег е Атина која има обврска да го извести претседателот на Европскиот совет дека дава поддршка за почеток на преговори за членството на Македонија, како и да го информира Генералниот секретар на НАТО дека поддржува поканата за прием на Македонија во НАТО.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG