Рамка за компромисен договор – тоа е епилогот од синоќешната неколкучасовна средба меѓу Никола Димитров и Никос Коѕијас. Двајцата шефови на дипломатиите кои се сретнаа во Брисел, разговарале до доцните часови за клучните елементи од целото прашање.
Македонскиот министер состанокот денеска го нарече продуктивен – утврдената рамка, на иста маса во Атина, тимови од двете министерства ја доработуваат за да добие форма на билатерална спогодба. Има и елементи кои ќе треба да се допрецизираат на највисоко ниво, за што се најавува опсежен телефонски разговор кон средината на неделава меѓу премиерите Заев и Ципрас. Дополнителни детали не се соопштуваат – ниту Димитров, ниту Коѕијас не излегоа со дополнителни елементи од разговорите.
„Мислам дека тоа треба да го оставиме на премиерите. Видовме колку комуникациите околу процесот влијаат врз него, го имаме тоа искуство и да му дадеме шанса на процесот, кусо изјави Димитров. Тој денеска, по синоќешната средба со Коѕијас, имаше неформален појадок со дел од министрите за надворешни работи на Европската Унија. Ја брифираше и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Могерини.
„Сите сме охрабрени од постигнатиот напредок во преговорите меѓу Атина и Скопје за прашањето за името. Сите ќе работиме на поддршка на, како што се надевам, позитивен епилог од овие значајни преговори“, истакна Могерини.
Двајцата министри пред Брисел имаа интензивни два дена во Њујорк, каде разговараа и со посредникот Метју Нимиц и каде очигледно биле доутврдувани одредени сегменти од можното пакет-решение.
Со новото интезивирање на разговорите и сериозната шанса за конечно затворање на процесот во Грција, се реактивираат повиците за нови протести. За наредната седмица најавени со нови собири зачувување на „грчкиот карактер на Македонија“. Таканаречениот „комитетот за борба за грчкиот карактер на Македонија“, кој се претставува како организатор, повикува на поддршка за, како што се наведува, борба на грчките граѓани против распродавањето на името на Македонија.
Facebook Forum