Линкови за пристапност

МВР: Не е контоверзно Џезаир Шаќири да биде советник за безбедност на премиерот Заев


Џезаир Шаќири Хоџа е екс-командант на паравоената ОНА

Нема ништо контроверзно во поставувањето на Џезаир Шаќири Хоџа, за советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Екс-командантот на паравоената ОНА која во 2001-та година за време на конфликтот во Македонија се бореше против македонските безбедносни сили, сега треба да го советува премиерот за безбедносни прашања.

„Не гледам причина зошто да не го оценуваме позитивно секое приклучување на луѓе кои сакаат да работат во Македонија. Јас би бил загрижен доколку има луѓе кои не сакаат да се приклучуваат на институциите на системот, кои излегуваат надвор од институциите и кои не сакаат да бидат дел од безбедносните служби, министерството, владата. Тогаш треба да се загрижиме сите ние, зошто одредени луѓе би ги напуштиле институциите и ако ги напуштат институциите што би правеле“, изјави Спасовски.

На прашањето колку од сензитивните документи за безбедност ќе му бидат достапни на Хоџа, Спасовски додаде:

„За тоа што ќе му биде достапно на советникот ќе добиете информации од Владата на Македонија“, изјави Спасовски.

Министерот за внатрешни работи, истакна дека ако се погледне подлабоко, многу контроверзни имиња ја воделе Македонија и учествувале во нејзиниот општествен и политички живот од 2002-та година, до денес.

„Прашањето е, што тука е контроверзно? Ако имавме состојба на воен конфликт кој беше предизвикан од тоа што немавме доволно смисла за интеграција на секој еден човек во општеството, тогаш треба да бидеме прагматични при носење на одлуките“, вели Спасовски.

Иако станува збор за политичко прашање, експертите за безбедност сметаат дека би било тешко изводливо Хоџа да добие сертификат за достапност до доверливи безбедносни информации, согласно постојната законска регулатива во Македонија.

„Има точно одредени критериуми кој може да добие, а кој не може да добие. Она што ние го имаме одредено и ако правилно се импелемтира, а досега барем тоа е случај, тешко дека ќе може да има достапност до класифицирани информации. Нему точно ќе му биде одреден делокругот на активности кои ќе може тој да ги реализира и што се` може и до кој степен може да се ангажира и да пласира или да користи информации од безбедносниот сектор“, изјави Злате Димовски, универзитетски професор по безбедност.

Инаку Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа, во 2001-та година беше ставен на американската црна листа на македонски граѓани, за време на мандатот на претседателот Џорџ Буш.

По завршувањето на конфликтот во Македонија, тој беше ослободен од кривичните обвиненија, согласно македонскиот закон за амнестија. Претходно, Шаќири беше пратеник во македонското собрание од редовите на НДП, додека во 2007-та година објави независност на македонското село во кое е роден, Танушевци, и негово припојување кон Косово.

„Поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија, Џезаир Шаќири е времено ангажиран како надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, за потребите на Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија“, соопштија од Владата во понеделникот.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Шаќири не смее да добие безбедносен сертификат и бараат договорот со него да биде раскинат.

Министерот Спасовски смета дека полицијата има контрола на целата територија на Македонија.

„МВР има контрола на целата територија на државата и тоа сме го покажале многупати, особено со делувањето на Министерството во последната година со сите акции и контроли, коишто сме ги спровеле неселективно во кое било место и кој било град“, кажа Спасовски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG