Од флагрантно кршење на деловникот, процедурата и Уставот, до непотребно насилно однесување на опозицијата и ставање над сите закони од страна на претседателот Иванов - се ставовите на експертите по вчерашните настани при донесувањето на Законот за јазици, којшто ја подели експертската јавност во Македонија.
Професорката Гордана Силјановска-Давкова од Катедрата за уставно право и политички системи на Правниот факултет во Скопје, смета дека комплетната постапка која резултираше со носење на Законот за јазици е спротивен на Уставот и собранискиот Деловник.
„Ова е многу лош преседан. Без процедура, нема демократија. Спикерот Џафери ја кршеше процедурата од првиот до последниот момент. Јас очекував Парламентот да биде школа на демократијата и школа во однос на процедурата“, вели Силјановска-Давкова.
Поранешната судијка во Врховниот суд и Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, пак, смета дека доколку имало каква било повреда на процедурата и Деловникот, можело да се поведе инцијатива пред Уставниот суд.
„Постапката и процедурата ја води спикерот, тој одлучува. Ако имало процедурална повреда на деловникот тогаш тоа е работа на Уставниот суд. Вчерашниот потег на опозицијата не е начин“, вели Николовска.
Според професорката Силјановска, првиот проблем настанал уште со ставањето на европското знаме на овој закон, а има забелешки и околу временските рокови.
„Парламентот има рок од 30 дена да го усвои законот, откако претседателот Иванов стави вето и го врати на повторно разгледување. Тоа не се случи“, вели Силјановска.
Околу расправата по поднесените амандмани од опозицијата, нашите соговорници имаат различни мислења.
„Амандманската расправа помина. По мое толкување на Уставот, нема можност за нова амандманска расправа откако претседателот нема да го потпише указот“, вели Николовска.
„Објаснувањето на Џафери не е правно издржано. Тој му го суспендираше ветото на претседателот и не овозможи дебата, иако беше должен да го стори тоа. Амандмани можат да се поднесуваат само по забележки на претседателот“, објаснува Силјановска-Давкова.
Двајцата експерти се согласуваат дека првото вето од претседателот Иванов и неговите забелешки биле законски и уставно издржани.
„На првото гласање, 69 пратеници гласаа „за“, а вчера нивната бројка беше 64. Тоа значи дека дел од пратениците ги прифатиле забелешките на претседателот“, вели Николовска.
Слијановска смета дека имало притисок врз пратениците да се изјаснат позитивно по законот.
„Премиерот не смее да даде изјава дека законот ќе биде усвоен до крајот на неделата. Тоа е директно мешање во работата на законодавниот дом. Пратениците мора да гласаат по сопствено уредување“, објаснува Силјановска.
Николовска и Силјановска имаат дијаметрално спротивни ставови и околу надлежностите на претседателот и дали и тој има право и ингеренции да го штити Уставот, во овој случај со поднесување на вето.
Николовска е децидна дека тоа може да го стори само Уставниот суд, додека Силјановска смета Иванов има право да не го потпише указот, бидејќи неговите забалешки преточени во амандмани не биле разгледани на расправа во Парламентот и комисиите.
Николовска и Силјановска се согласуваат дека сега на потег е Уставниот суд.
Уставниот судија Осман Кадриу се воздржа од какви било коментари околу законот и додаде дека доколку има инцијатива, Уставниот суд ќе постапи крајно професионално.
„Не би сакал да прејудицирам конкретна одлука. Она што можам да кажам е дека ако има иницијатива и кога ќе биде поднесена ќе повикаме стручњаци од оваа област како и претстваници на предлагачите на законот и иницијативата. Тие ќе добијат шанса да ги образложат своите ставови“.
Кадриу нагласи дека Законот за јазици може да стапи на сила единствено откако ќе биде објавен во Службениот весник и тоа со врзани потписи од претседателот Иванов и спикерот Џафери.
Законот за јазици беше донесен вчера во тензична атмосфера откако 64 пратеници гласаа „за“, вклучувајќи и 24 пратеници по Бадинтер.
Претседателот Иванов најави дека нема да го потпише указот за овој закон.
Досега никој не поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста при носењето на овој закон.
Facebook Forum