Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ: Претседател со хендикеп


Нов лидер, стар курс... По изборот на единствениот кандидат за трет претседател на најголемата опозициона партија, следеа реакции дека и понатаму сите лостови на моќта се во рацете на досегашниот лидер Груевски

„Луѓето во текот на нивниот животен пат носат многу одлуки, дел од тие одлуки некогаш знаат да бидат и погрешни, најголемиот дел се исправни. Како луѓе и како христијани, треба да научиме на простување, да посочуваме на грешките и истите да ги разбираме, а оние кои што грешат, треба да научат да извлечат поука од грешките и истите да не ги повторуваат“, рече Христијан Мицкоски, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, избран викендов на вонредниот конгрес во Валандово, кој мандатот го започна со молитва во храмот „Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица.

Мицкоски е професор на Машинскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а за време додека неговата партија беше на власт, беше и директор на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ). Според објавените податоци, бил избран за најдобар дипломиран студент на Машинскиот факултет, а магистрирал и докторирал во странство. На досегашните партиски функции - генерален секретар и претседател на Кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, му беше лојален поддржувач на претходникот, Никола Груевски, кој последните 14,5 години беше на челото на партијата, од кои 10,5 и премиер, но кому на 10 декември му беше прифатена оставката. Поради тоа, дел од противниците на изборот на Мицкоски обвинуваа дека тој е пулен на неприкосновениот досегашен претседател, кој наводно сето време лобирал за негов избор и дека и како нов претседател ќе биде само „марионета на Груевски“ (Филип Петровски, еден од членовите на партијата кои најавуваа своја кандидатура).

Иако триесеттина видни членови на партиското раководство со писмо до највисоките партиски тела, бараа да се донесе одлука за одложување на конгресот за 24 и 25 февруари следната година, за да се даде шанса за демократска и транспарентна постапка за избор на нов претседател, Мицкоски сепак, во саботата беше избран со 376 гласови од 438 присутни на конгресот (со 52 неважечки ливчиња), но и во отсуство на над 100 делегати, од предвидените 544, кои не се ни појавија на конгресот. Не беа испочитувани барањата и препораките на потписниците на писмото до Централниот и Извршниот комитет, ниту на Иницијативата за внатрешни реформи во партијата, и иако новиот лидер уште во првиот говор, потенцираше дека ќе се залага за внатрепартиско единство и дека нема да биде ничија марионета, во медиумите се појавија и обвинувања за клиентелизам и за наводни закани и на притисоци врз делегатите на конгресот.

Истакнатиот партиски член и носител на бројни високи функции во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски изјави за медиумите дека се работи за „чуден избор и контроверзен конгрес. Само еден кандидат, Мицкоски, очигледно фаворит на досегашниот лидер Груевски, со цела партиска машинерија зад себе... Конфузно е што вчера кажаа 411 регистрирани делегати, а денеска 438 регистрирани делегати, иако регистрацијата е само еден ден. Наместо Мицкоски, програмата и чекорите на новиот претседател ја кажа Груевски во својот говор. Сè на сè, Конгрес без целосен легитимитет е еднакво на претседател со хендикеп“.

Од друга страна, во еден контроверзен пост, основачот и долгогодишен лидер на партијата, Љубчо Георгиевски, кого токму неговиот наследник Груевски го маргинализираше во ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека „ Христијан Мицкоски од сите имиња што беа кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ сепак, е најнекомпромитиран, неизвалкан со афери, најенергичен и конечно најхаризматичен. Христијан има шанса да остави свој печат во ВМРО. Треба да му се даде шанса…“

Но, говорот на Груевски на конгресот и неговиот избор за почесен претседател на партијата, соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во кое се потенцира дека „хунтата (власта на СДСМ – н.з) ја уништува демократијата и правната држава, мислејќи дека тоа ќе помине неказнето“, некористењето на шансата на конгресот барем да се намали хипотеката на Груевски и на неговите блиски соработници во изминатата деценија, против кои се покренати бројни обвиненија од Специјалното јавно обвинителство, не оставаат место за оптимизам дека Мицковски, како нов лидер ќе може да се избори за самостоен политички пат. Како и да обезбеди дисконтинуитет во партиската политика, што би овозможил нова насока кон вистински заложби за државните пред партиските интереси. „Наследството“ на Груевски - опструкцијата на работата на парламентот, поради што ВМРО-ДПМНЕ формираше дури десет пратенички групи, паралелно со одвојувањето на доскорешните партнери од малите, етнички партии, најверојатно ќе бидат уште една пречка за задржување на статус-кво ситуацијата во партијата и во политичкиот живот на државата, особено затоа што дел од пратениците кои беа против Мицковски, како Милошоски и Илија Димовски, се координатори на пратеничките групи, и нивното незадоволство најверојатно ќе се искажува низ работата во Собранието.

Така, додека Европската народна партија (ЕПП) на својот официјален „Твитер“ профил му го честиташе изборот на Мицкоски, со порака дека „на Македонија ѝ треба силна опозицијата во парламентот за заеднички да се преземат неопходните реформи и да се решат проблемите кон евроатлантскиот пат“, СДСМ испрати барање до новото раководство на политичкиот противник.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред граѓаните и интересите на државата и конструктивно да се вклучи во процесите што обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, слобода, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО како врвен државен и национален интерес“, порача СДСМ во соопштението.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG