Линкови за пристапност

Една ипол година затвор за Грујевски


Поранешниот началник на петата управа на тајната полиција, Горан Грујевски, е прогласен за виновен за уништување на документација и доказите поврзани со масовното нелегално прислушување и е осуден на една и пол година затворска казна.

Шесте службенички од УБК, обвинети во овој случај познат во јавноста како „Тврдина 2“, исто така беа прогласени за виновни, но судиката Лидија Петровска им одреди условни казни, како што и побара Специјалното јавно обвинителство.

Ова е првата пресуда што ја изрече скопскиот Кривичен суд, а се однесува на обвинителен акт поднесен СЈО.

Претставникот на обвинителството изјави дека пресудата била очекувана.

Во текот на процесот, Обвинителството бараше максимална затворска казна предвидена со законот, бидејќи Грујевски лично наредил уништување на неколку илјади документи за да ги сокрие трагите од нелегалното прислушување.

Одбраната пак, која не успеа да издејствува одлагање на процесот, сметаше дека нивниот клиент се товари за дело кое не е предвидено во измените на Кривичниот законик и дека во принцип станува збор за прекршок, а не кривично дело.

Обвинителството и одбраната засега не најавија жалби на пресудата.

Горан Грујевски во моментов се наоѓа во екстрадициски притвор во Грција откако кон средината на минатиот месец е уапсен на солунскиот аердором, обидувајќи се да ја напушти земјата со фалсификуван бугарски пасош. Тој беше уапсен заедно со неговиот заменик во Петата управа, Никола Бошкоски, кој пак требаше да се појави како сведок во процесот.

Кога тие ќе бидат екстрадирани во Македонија, засега не може да се предвиди.

Поранешниот началник е обвинет и во случајот „Таргет“, каде ќе му се суди за уништување на опремата за прислушување, вредна над еден милион евра и за незаконско прислушување на дваесетина илјади граѓани.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG