Линкови за пристапност

Струшката дијаспора ќе гласа на вториот круг локални избори


Струга - Дијаспората од Европа ќе гласа во вториот круг
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:44 0:00

Според добрите познавачи на приликите, гласовите од иселениците можат да бидат и одлучувачки за победникот

Околу 2.000 стружани кои живеат во Швајцарија, Италија, Австрија и други западно-европски држави, ќе дојдат во Струга за да гласаат на вториот круг од локалните избори на 29-ти октомври. Се очекува да пристигнат со чартер летови, а многумина и организирано со автобуси и автомобили. Некои ќе дојдат на самиот ден од изборите, други ден пред тоа.

За политичкиот аналитичар Шпетим Положани, гласовите на дијаспората може, но и не мора да бидат пресудни за победа во Струга.

„Сепак тие 2.000 имаат семејства и тие можат да направат разлика од 5.000 до 6.000 гласови како што направија во Кичево. Во Струга се очекува Кичево 2, нешто за што немаше потреба во овој момент, и на такви трошоци и патувања“, истакна Положани.

Новинарот Мехмет Љатифи вели дека од овие избори во голема мера ќе зависи и иднината на градот.

„И тие од дијаспората се дел од Струга и сите последици од овие избори ќе ги сносат заедно со жителите кои се резидентни во Струга. Инаку овој втор круг е со многу непознаници со многу дилеми и би посакал само да поминат мирно, без оглед кој ќе добие“, изјави Љатифи.

Слична ваква ситуација имаше и за време на првиот круг локални избори во Кичево, но и на минатите локални избори во Струга и Кичево.

Во вториот круг во Струга, каде воедно се чувствува напната атмосфера, ќе се одлучува помеѓу кандидатите на владините партнери ДУИ и Алијансата на Албанците - Рамиз Мерко и Зијадин Села. Во првиот круг разликата беше 1.400 гласа во корист на Села.

Стружани очекуваат интересно изборно соочување, но немаат големи очекувања.

„Гледајки сите години наназад сите што ветуваа, се` е по старо. Кој ќе победи нека победи“, изјави еден граѓанин.

„Треба да се прави нешто ново, да се гледа што се прави во Струга. Ова е туристичко место и треба да се прави што е можно повеќе, за да се привлечат повеќе туристи“, изјави друг жител на овој град.

„Мислам дека нема да има некои промени и ќе си тера по старо. Јас како граѓанин не очекувам некој големи промени“.

Дека вториот круг ќе биде особено интересен, говори и фактот дека и во двата табора се надеваат на околу 11.000 гласови на граѓаните Македонци кои исто така можат да решаваат за победникот во Струга. Во меѓувреме, Алијансата на Албанците и БЕСА веќе договорија коалиција во вториот круг во сите општини каде имаат нивни кандидати за градоначалници, додека лидерот на СДСМ, Зоран Заев веќе даде јавна подршка на кандидатите за градоначалници на ДУИ во неколку општини.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG