Освен оваа, има уште многу разлики меѓу двата главни кандидата - актуелниот градоначалник и доскорешен портпарол на СДСМ, Петре Шилегов ја има поддршката на тазе владејачката партија, додека Коце Трајановски осумте години на позицијата ги мина во комотна закрила на до скоро неприкосновената ВМРО-ДПМНЕ. Предизвикувачот Шилегов најавува фокусирање на нехигиената, загадувањето, сообраќајниот хаос и лошата инфраструктура. Ветува дека ќе стави крај на самоволието и преземање серија мерки против загадувањето – инвестирање во кули за прочистување на воздухот, еколошоки јавен транспорт, повеќе дрвја, поддршка за велосипедистите, а најави и враќање на сјајот на културата во градот.
„Ќе се посветиме и на запоставените споменици, спомен-куќи, поставки и на другото културно наследство од скопскиот земјотрес, од НОВ, од модерниот период, османлискиот период и други делови од скопската историја. Зоолошката, библиотеките и Детскиот културен центар – Карпош, ги отвораме за сите, овозможувајќи им на децата и на родителите квалитетни културни содржини и едукација во институциите на културата“.
Актуелниот градоначалник, кој се надева на нови четири години исто така се насочува на загадувањето и зголемување на зеленилото - двете точки за кои книжи најмногу негативни поени кај скопјани кои забележуваат дека во неговите два мандата, градот се соочил со невидена градежна експанзија, уништување на и онака малкуте зелени површини, екстремна загаденост на воздухот. Трајановски денеска реактуелизирајќи го проектот за обнова на „Универзалната сала“, одговори на обвинувањата на Шилегов дека го уништил ликот на Скопје.
„Самите граѓани можат да кажат дали е уништен ликот или не. Градот Скопје изготви проект за рушење на старата и градење нова Универзална сала, со дополнителни простории“, подвлече Трајановски.
Последните испитувања на јавното мислење најавуваат тесна трка меѓу Трајановски и Шилегов - разликата засега на 10 дена пред изборите, се брои во неколку проценти.
Facebook Forum