Се засилуваат изјавите на членките на ЕУ дека Македонија не смее да си дозволи претстојните локални избори да поминат со лоша оценка. Интензитетот се зголемува со наближувањето на 15-ти октомври и со фактот дека изминатиот предизборен период делумно помина во знакот на инциденти – демолирани штабови, физичко насилство... Во пораките на Брисел се вклучи и Луксембург – мала, но влијателна земја-членка на Унијата, за што говори и фактот дека прв човек на ЕК е некогашниот премиер на оваа држава Жан Клод Јункер. На десетина дена пред гласањето, шефот на дипломатијата на Луксембург, еден од најдолговечните министри за надворешни работи, Жан Аселборн и порача на новата влада да го искористи позитивниот моментум во Унијата за што секако, суштински ќе биде и спорведувањето на изборите.
„Локалните избори на 15-ти октомври се многу значајни - тоа се први избори по парламентарните избори и кои ОБСЕ ќе ги набљудува. Уверен сум дека ова ќе бидат соодветно спроведени избори и ќе да дадат резултат што ќе биде одраз на демократијата во земјата. И во иднина Луксмебург е на ваша страна“, истакна Жан Аселборн, министер за надворешни работи на Луксембург.
Уверува дека Европа ја чувствува промената во земјата и подготвеноста на владата да се вклучи во решавање на горливите теми – владеењето на правото, состојбата во судството, слободата на медиумите, односите со соседите, прашање во кое клучна точка е името.
„Разговорите со Бугарија и начинот на кој најдовте решение е добар чекор. Се надевам дека ќе следи нареден чекор - дека тоа ќе може да се постигне и со нашите пријатели во Грција. Се надевам дека Метју Нимиц, кој е познат преговарач, ќе успее да и ќе има чувство да ги приближи двете земји во однсо на прашањето за името. Ако тоа се случи, пристапувањето кон НАТО и разговорите за членство во ЕУ ќе бидат на добар пат“, подвлече Аселборн.
„Мојата порака до Атина е – ве молиме препознајте го моментот, ќе биде добро и за Грција, ако РМ стане стабилна, нормална, просперитетна демократија“, изјави министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров.
Тоа што денеска го кажа пред Аселборн, Димитров ќе има шанса утре непосредно да му го пренесе и на Никос Коѕиас во Солун каде Грција ќе биде домаќин на регионалната министерска средба Албанија-Бугарија-Македонија-Грција.
Facebook Forum