„Секое насилство, инцидент, непочитување на политичките опоненти во изборниот процес, е спротивно на кодексот, на законите, правилата и прописите на Република Македонија кои се релевантни за изборите. Во името на Државната изборна комисија, би сакал да испратиме повик до надлежните институции кон расветлување на овие немили инциденти, кон казнување на сторителите. Но, пред сè, да упатиме повик до сите политички партии да придонесат кон смирување на страстите, да влијаат на своите членови и кон спречување на било какво идно насилство или инциденти“, се вели во писмената изјава на претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, по неколкуте инциденти кои ја одбележаа првата третина на кампањата за Локалните избори 2017, во кои беа потешко повредени двајца кандидати.
Вчера беше нападнат и повреден кандидатот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Шуто Оризари, досегашниот градоначалник во два мандата, од партијата Сојуз на Ромите, Елвис Бајрам, а минатата недела беше пукано врз носителот на независна советничка листа во Кичево, Алит Абази.
Осудувајќи ги иницидентите, претседателот на ДИК побара итна реакција на надлежните органи, а Основното јавно обвинителство, им предочи на медиумите дека „постапува по сите индиции за сторени било какви повреди на изборниот процес“, дека е формирана посебна обвинителска комисија која ќе ги следи изборите и брзо ќе реагира во случај на утврдени нерегуларности, како и дека ниту едно кривично дело нема да остане неказнето.
„Министерството за внатрешни работи најостро ги осудува сите форми на насилство, а особено, во текот на изборната кампања. Изборниот процес е наменет за претставување на кандидатите и нивните програми и МВР смета дека тоа е единствениот начин преку кој граѓаните треба да бидат запознаени со учесниците во изборниот процес. Секаков обид за нарушување на демократскиот изборен процес и загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран“, се вели во денешното соопштение на МВР.
МВР соопшти и дека се расчистува тепачката која се случи вчера во населбата Шуто Оризари, а во која повреден беше Елвис Бајрам, а нападнат бил и неговиот шеф на кабинет, Аднан Мемет, но партиите со настапи на свои претставници и со соопштенија, водат вербална војна со обвиненија за вината на опонентите за инцидентите.
Покрај „традиционалните“ обвинувања за изборни нерегуларности преку поткуп на гласачи и злоупотреба на државни ресурси во партиски цели, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини за полициска бруталност поради наводната закана со вперен пиштол кон нивниот кандидат за градоначалник на Кавадарци, како и за „крвничкото тепање на кандидатот Бајрам кој паднал во безсознание“.
Од МВР посочија дека идентификувани се и повикани на разговор пет лица кои учествувале во тепачката во која е повреден Бајрам, и во постапка е прибирањето докази за понатамошно постапување, а според директорот на болницата „8 Септември“, нападнатиот Бајрам има исеченица од осум сантиметри, но нема скршеници, потрес и други повреди.
Лидерот на Сојузот на Ромите и татко на повредениот градоначалник на Шуто Оризари, Амди Бајрам, на пресконференција ги обвини СДСМ, пратеникот од оваа партија, Курто Дудуш и еден од ромските лидери, Неждет Мустафа дека „биле нарачатели на нападот врз неговиот син“.
Овој напад ја враќа приказната за изборните инциденти, една деценија наназад, кога со маргинирализираното и егзистенцијално загрозено ромско население, се манипулираше со поткуп, но и со поттикнување на насилство
И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, најостро го осудија насилството во Шуто Оризари, општина претежно населена со ромско население и побараа МВР и надлежните институции до крај да го расчистат случајот.
Невладината организација „Цивил“ повика на запирање на насилството, за да не се повтори 2008 година, кога се одржаа избори со бројни нерегуларности и екстремно насилство во изборниот процес и кога животот го загуби едно лице: „Насилството за време на избори, без оглед на мотивите, го поткопува демократскиот карактер на изборниот процес и ги доведува во прашање фундаментите на општеството и државата. Никогаш ништо добро не може да произлезе од насилството, освен трагична загуба на животи, став и хаос. Затоа, бараме од институциите решително да се спротивстават на насилството, а престапниците да ги санкционираат соодветно на законот“.
Утрово се запали и семејната куќа на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на скопската општина Ѓорче Петров, поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски. Според командирот на Противпожарната бригада на Скопје, сѐ уште не се знае кои се причините за пожарот, во чие гаснење е повреден еден од пожарникарите, кој е пренесен во болница.
Ескалацијата на тензиите е постигната. Не само поради тајмингот, туку повеќе поради создадената атмосфера, дури и вестите од „црните хроники“, како ноќешните инциденти, опожарувањето на нов џип во сопственост на таткото на позната личност од естрадата, пред нивната семејна куќа во Скопје, и експлозијата во семеен двор во една приградска скопска населба, наводно од фрлена експлозивна направа, на социјалните мрежи, веднаш се доведуваат во врска со кампањата и со локалните избори.
Facebook Forum