Линкови за пристапност

Поддршка на САД за членство на Македонија во НАТО


Командантот на Националната гарда на Вермонт во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:01 0:00

Средба на министерката за одбрана Шеќеринска со командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајорот Стивен Креј, кој најави подетално утврдување на идните активности, но и поддршка во остварување на крајната цел - членство во НАТО

Македонија смета на поддршка од земјите-сојузници, особено од САД, за конечно зачленување во НАТО. Командантот на Националната гарда на Вермонт ова го слушна од министерката за одбрана која повтори дека заложбата за прием во Алијансата, Македонија континуирано ја докажува преку учеството во меѓународни мисии, но и преку заедничките вежби како онаа летово со американската армија на Криволак. „Стратешките определби не се само зборови, нив ги покажуваме на дело“ – изјави Радмила Шеќеринска по состанокот со генералот Стивен Креј.

„Република Македонија смета на своите стратешки партнери особено во овие моменти кога работиме забрзано и искрено на нашата стратешка цел членството во НАТО. Македонија како членка на НАТО е заедничка цел заради тоа што служи на двата крупни интереса - стабилен регион и стабилни и безбедни граѓани на Македонија. НАТО е сериозен сојуз, а членките се сериозни држави и затоа нашиот ангажман е сериозен“, истакна Шеќеринска.

Креј, кој првпат се сретна со новата шефица на македонската одбрана, најави подетално утврдување на идните активности, но и поддршка во остварување на крајната цел - членство во НАТО.

„Стратешкото партнерство беше од корист на двете земји и горди сме на службата што и ја дававме на Македонија, исто како и искуството што го добивме од Македонија. За време на посетата планирам подетално да разговарам за активностите во наредниот период, за поголем ангажман меѓу Вермонт и Македонија за надградба на тој успех и да се помогне за прием во НАТО и за другите цели на Македонија“, подвлече генерал-мајорот Креј.

Соработката меѓу Македонија и Вермонт датира од 1993-та. Оттогаш, во заеднички активности со Националната гарда на оваа сојузна држава учествувале околу 4.500 војници на АРМ, што е повеќе од половина од вкупните вооружени сили на Република Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG