Прашање што дополнително го подели општеството, или закон со кој се затвора тема долга колку и независноста на Македонија. Тоа се двете крајно спротивставени позиции за предлог-закон за употреба на јазиците кои во моментот доминираат во политичкото, но и општественото милје на земјата. Од една страна се аналитичари кои сметаат дека условите се создадени за вакво законско решение, но и експерти, кои велат дека тоа во никој случај нема да го загрози македонскиот јазик.
„Реално, ова прашање го оптоваруваше нашето општество уште од 1991-та година. Најдено е некое коректно решение - за некои спорни или делови што го надминуваат Уставот се препратени во венецијанската комисија. Сметам дека прашањето повеќе се користи за препукување пред локалните избори, отколку што опозицијата е уверена дека тоа навистина го дели општеството“, истакна аналитичарот Алберт Муслиу.
„Знам од она што го видов, дека македонскиот јазик не е загрозен како што читаме во разни медиуми, туку напротив, уредување на функционирањето на јазиците во Македонија“, подвлече д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.
Наспроти аналитичарите и лингвистите, дел од правниците сметаат дека ваквиот чекор на новата коалициска влада е неиздржан. „Во правото посветено на јазичната проблематика, ваков закон со ваков наслов е непознат феномен. Кога зборуваме за службени јазици дури и за советот на Европа и во Обединетите нации, не се вели акт за употреба за јазиците“, изјави во интервју за домашните медиуми, професорката Гордана Силјановска.
На политички план, власта и опозицијата пак се спротивставија во собранието за предлог-законот кој денеска помина на комисијата за европски прашања.
„Законот што сте го предвиделе се потсмева со Уставот на Република Македонија“, истакна Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Предлог-законот ниту е менување на основните бази на Република Македонија, ниту значи двојазичност на цела територија, тоа е невистина“, изјави Томислав Тунтев, од СДСМ.
Предлог-законот кој, меѓу другото предвидува во органите на државната власт и во сите нејзини институции службен јазик покрај македонскиот, да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните, се очекува наредната недела да се најде на пленарна седница пред пратениците.
вм/јв
Facebook Forum