„Заробена држава“ и потреба од „одвојување на партијата од државата“, беа констатациите што Европската комисија, Прибе-групата и ОБСЕ со години наназад ги наведуваа во своите извештаи за ситуацијата во Македонија, а ги цитираше и американскиот Стејт департмент. Со тие формулации меѓународната заедница се обидуваше наједноставно да ги опише демократските состојби, политичките процеси, слободата на медиумите во земјава под претходната власт. Сега, 100 дена од новата влада, која меѓу другото седна на „Илинденска 2“, и поради ветувањата дека конечно ќе има одвојување на државата од партијата, прашањето е дали ветувањето ќе се одржи.
„Администрацијата да остане спокојна – уцени, заплашувања нема, а ниту ќе има за изборни цели. Одржувањето фер и демократски избори е врвен приоритет на владата, а верувам дека треба да биде врвен приоритет на државата“, истакна премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.
Тој уверува дека се преземени низа заштитни механизми во реформскиот план 3-6-9, како владината инструкција за време на избори, да не се дозволи притисок врз администрацијата и случаите на заплашување веднаш да се пријавуваат. Брисел е задоволен од најавите за нулта толеранција.
„Клучно е лидерите, партиските членови и останатите учесници ја спроведуваат кампањата без заплашување и насилства и на начин што нема да создаде политички или меѓуетнички тензии и нема да ја зголеми поларизацијата во земјата“, изјави Самуел Жбогар, евроамбасадор на Европската Унија во Македонија.
„Впрочем, шансата е тука, и сите заслужуваме да видиме поинаков пристап и само така можеме да дојдеме до концепт на фер избори“, рече Дарко Алексов, од Граѓанската асоцијација „Мост“.
Дел од правните експерти ја анализираа поголемата слика во услови на т.н. „заробена држава“.
„Членот 2 од Уставот вели дека суверенитетот им припаѓа на граѓаните, но во услови кога имате заробена држава, тој суверенитет и` припаѓа на партијата што се` контролира“, изјави универзитетската професорка Беса Арифи.
ОБСЕ/ОДИХР на низа изборни циклуси констатираше потреба од одвојување на партијата од државата, формулација што во последните години се заостри во „заробена држава“. По 11 години, претстојните локални избори нема да ги организира ВМРО-ДПМНЕ.
Facebook Forum