Линкови за пристапност

Комисиска расправа за законот за јазици


Комисиска расправа за законот за јазици
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Претставниците на меѓународната заедница присуствуваа на тензична политичка атмосфера, што го одбележа стартот на собраниската процедура за предлог-законот за употреба на јазиците, кој предвидува зголемена употреба на албанскиот јазик.

Како и што се очекуваше, опозицијата обвини дека станува збор за нацрт-документ кој е во спротивност со Уставот и побара поголема транспарентност во процесот во рамки на утврдените процедури, како и симнување на европското знаменце зашто, како што рекоа од ВМРО-ДПМНЕ, нацртот нема врска со ЕУ.

„Дали има таков акт што пропишува кои се службените јазици во Италија, Латвија, Унгарија. Ова е класична политичка злоупотреба на европското знаменце за еден предлог-закон, што е политички договор кој нема каква било допирна точка со ЕУ“, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Реплицираа од ДУИ, велејќи дека ним не им пречи македонскиот јазик како што на Милошоски му пречи албанскиот. Опозицијата врати дека нема ништо против да се дебатира за ова прашање, но како што тврди, во рамките на прописите.

„Оваа комисија треба да застане и предлогот да го разгледува матичната комисија за политички систем. Можеби вам ви се брза зашто овој закон е само поради локалните избори, не е заради интерес на граѓаните“, рече Илија Димовски, исто така од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката постава, станува збор за едно од последните прашања наведени во Охридскиот договор усвоен пред 16 години.

„Ова е неподелено легалистичко прашање кое во форма на закон се затвора во рамките на Охридскиот договор“, подвлече премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.

Текстот на законот предвидува во сите органи на државната власт, во институциите и јавните претпријатија, установи или организации службен јазик покрај македонскиот да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните, што во случајот значи албанскиот јазик. Законот овозможува негова употреба во судските, управните и извршните постапки, но и во предистражните и истражните процедури. И седниците на Владата, ако со нив претседава функционер кој зборува јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, ќе може да ги води на тој јазик.

За имплементација на законот ќе се формира и „Агенција за примена на јазикот“ која ќе биде одговорна за стандардизирање и воедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните. Очекувањата на владејачкото мнозинство се предлог-законот ќе се најде на пленарна собраниска седница веќе наредната недела.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG