Владата ќе побара од Собранието да ја почне процедурата за избор и именување на нов републички јавен обвинител по минатонеделната смена на Марко Зврлевски. Според најавите, на денешната владина седница ќе биде изготвен заклучокот во кој му се препорачува на Собранието да распише оглас за избор на нов шеф на државното обвинителство.
По објавувањето на огласот во Службениот весник, тече законскиот рок од 15 дена за пријавување на кандидатите. Советот на обвинители, по заклучувањето на списокот со кандидати, исто така има рок од 15 дена да даде позитивна или негативна оценка за кандидатите и своето мислење да го достави до Владата. Владата потоа ќе мора да избере еден од листата пријавени и да го предложи на Собранието, каде треба да добие 61 глас за да биде именуван на функцијата.
Засега само адвокатот и поранешен истражен судија во гостиварскиот Основен суд, Сејфула Османи, официјално потврди дека ќе се кандидира за наследник.
Кандидатурата ја најавија и адвокатите Ѕвонко Давидовиќ и Александар Тортевски, како и поранешниот обвинител и судија Александар Наков. Тројцата беа жестоки критичари на обвинителот Зврлевски и на начинот на кој раководеше со државното обвинителство.
Советот на обвинители во четврок ќе назначи вршител на должност на функцијата републички јавен обвинител, а најспоменувано име е она на Џељал Бајрами, кадар на ДУИ и член на Советот.
Собранието на Република Македонија, на предлог на Владата, го разреши Марко Зврлевски на 17-ти август по еден и пол месец обиди на опозицијата по секоја цена да го спречи или одложи гласањето. Во предлогот за смена на републичкиот јавен обвинител беше наведено дека Зврлевски ја вршел функцијата незаконито, ненавремено и недоволно стручно.
Facebook Forum