Линкови за пристапност

Шансата на Македонија е да работи со САД


Шансата на Македонија е да работи со САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:32 0:00

Дваесет и три години од отпочнувањето на преговорите со Грција во врска со спорот за името, во Македонија се чувствува ургентност за наоѓање решение. Метју Ниимиц, во својство на специјален пратеник на Генералниот секретар на ОН, повторно е во интензивирана мисија меѓу Скопје и Атина. Засега во јавноста не е изнесен нов предлог, и се шпекулира дека „старите“ се се` уште на маса.

Во неодамнешно интервју за Би-Би-Си (BBC), Нимиц кажа дека споровите се решаваат кога тајмингот е добар, и изрази оптимизам дека можеби сега е времето кога овој спор ќе биде решен.

За некои што биле во политиката последниве децении, решавањето на македонско–грчкиот спор нема да биде ни малку лесна, ниту брза работа:

„Треба да го постигнеме тоа што е реално, да ги зачуваме државните и национални интереси и тоа никогаш не смее да се згазне. Имаме многу адути на наша страна и треба да се искористат аргументите“, вели професорот Васил Тупурковски.

Тупурковски, кој е и поранешен потпретседател на владата на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, додава дека процесот нема да биде полесен затоа што двете страни се под засилен меѓународен притисок. Светла точка во сегашнава ситуација тој сепак гледа во зголемениот интерес на САД за Балканот.

„Геостратешки тоа им е неопходно. И во тие околности и прашањето на зачленување во НАТО ќе биде релативно поедноставно“.

За универзитетскиот професор по безбедност, Марјан Ѓуроски, македонско-грчкиот спор е безбедносен ризик. Тој смета дека Брисел и Вашингтон заедно треба да се заземат за прашањето, зашто стабилизацијата на регионот, и посебно на Македонија, оди преку решавање на ова прашање.

„Клучот покрај во Атина и Скопје се наоѓа во овие два европски и светски центри. Добро е да почнат преговорите. Јас сум умерен оптимист дека за краток период ќе се реши спорот, со оглед на тоа дека трае со децении“, смета овој експерт.

Тој верува дека новата влада има политички капацитет за решавање на спорот, особено што се бара исклучиво решение за употреба на името во меѓународни рамки. Секое излегување од тие рамки, како проширување на дискусиите на употребата на македонскиот јазик, промена на уставното име или дефинирање на името што ќе стои во пасошите, ќе создава проблем во процесот на доаѓање до заедничко прифатливо решение, смета Ѓуроски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG