„Нашата политика спрема државите во регионот не e променета, бидејќи се базира на американските интереси за регион што се движи напред, кон интеграција во Европа и нејзините институции, кон подобра клима на инвестиции од европски и американски бизниси и воопшто - за подобар живот на граѓаните“. Ова го кажа Хојт Ји, заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, во интервју за Босанската редакција на Гласот на Америка.
Запрашан за коментар по изгласувањето на новата влада во Македонија, Ји рече дека одлуката на претседателот Иванов да му го додели мандатот на Заев, била „показател дека демократијата во Македонија е издржлива и цврста“:
„И покрај тоа што имаше тешки моменти, како настаните во Собранието во април, кои беа надминати, и покрај одложувањата и неизвесноста, сега има влада, и тоа е мошне позитивен чекор. Воедно ова е и позитивен пример за останатиот дел од регионот, за тоа како тешкотиите и политичките кризи можат да се надминат со политичка волја“, рече високиот претставник на Стејт департментот.
Очекувањата од новата влада тој вака ги формулираше:
„Очекуваме од новата влада да биде партнер со меѓународната заедница, со ЕУ, САД, со земји-долгогодишни партнери на Македонија, во насока на спроведување на потребните реформи за да може да напредува. Да ги реши прашањата со соседите, вклучувајќи ја и Грција. Целта е постигнување на спогодби коишто би го деблокирале патот на Македонија кон евро-атлантска интеграција“.
На прашањето зошто обичните граѓани на државите од регионот би сакале интеграција во ЕУ и НАТО, Хојт Ји одговори:
„Државите кои се напредни, стабилни, безбедни, каде има мир, обично се опколени од други стабилни, мирни, просперитетни држави. Не е случајно што ниту една земја досега не побарала излез од НАТО. Од истите причини што државите кои се внатре, не сакаат да излезат, оние кои се надвор, сакаат да влезат. НАТО обезбедува ниво на безбедност што е потребно за стабилност и напредок. Сојузниците на Алијансата генерално располагаат со три пати повисок бруто домашен производ споредено со земјите од Западниот Балкан коишто се обидуваат да станат дел од НАТО“.
Приклучување кон ЕУ и НАТО дава поголема шанса за растечка економија, вработувања и образование, додаде тој.
Facebook Forum