Линкови за пристапност

Партиите се договорија - лoкални избори во октомври


Сега е потребно да се донесе предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик со што ќе се овозможат изборите, но и ќе се даде некаква правна рамка и легалност за продолжување на мандатот на градоначалниците и советниците до нивното одржување

Локалните избори ќе се одржат во првата половина на октомври. Ова е начелниот договор на политичките партии кој бил постигнат во саботата на неформална средба која беше затворена за јавноста. Договорот му бил соопштен на претседателот на Собранието Талат Џафери, на денешната координација. Неофицијално, партиите се договориле за 15-ти октомври, како датум за изборите.

По денешната координација кај собранискиот спикер, претставниците на партиите не дадоа изјави и единствено се огласи Џафери.

„Парламентарните партии се договорија дека исклучителен приоритет за Република Македонија е постигнување договор за донесување предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина во октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и градоначалниците“, соопшти кабинетот на Џафери.

За разлика од саботата, на денешната координација не присуствуваше претставник на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи не го признаваат изборот на Џафери за претседател на Собранието. Од партијата соопштија дека немаат ништо против датумот за избори.

Сега е потребно партиите да се договорат за донесување предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со што ќе се овозможат изборите, но и ќе се даде некаква правна рамка и легалност за продолжување на мандатот на градоначалниците и советниците до изборите.

За тоа е потребно да се формираат и работни групи и комисии во рамките на Собранието. Засега нема најави дека која било партија ќе се обиде да го блокира тоа.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), го поздрави договорот. Оттаму соопштија дека градоначалниците ќе продолжат да бидат на своите работни места, но нема да потпишуваат никакви проекти.

Парламентот треба да се состане што побрзо и да се донесат законските измени за да се одблокира работата на општините.

„Во Централниот регистер се` уште ние се водиме како градоначалници и тоа ќе остане така до изборот на нови“, рече претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.

Денеска се огласи и Министерството за локална самоуправа, од каде упатија апел уште денеска да се најде начин за деблокирање на работата на општините и на градот Скопје, преку законско продолжување на мандатите на градоначалниците и на членовите на советите.

„Од утре, градоначалниците и советите на општините и на градот Скопје се без правно дефиниран статус, а граѓаните се оставени во недоумица дали ќе можат да ги остварат своите права пред органите на единиците на локалната самоуправа, преку постапки кои што веќе ги имаат започнато, или имаат итна потреба од тоа. Локалната администрација и сите јавни служби на локално ниво се загрижени за своите плати, но и за начинот како во наредниот период ќе продолжат да ги извршуваат своите работни задачи заради непрекинато, континуирано сервисирање на граѓаните“, пишува министерката Елези.

Денеска и официјално истече мандатот на сите градоначалници и општински советници во Македонија. Граѓаните веднаш ќе наидат на нови проблеми и потешкотии, бидејќи во отсуство на градоначалник во општините ќе нема овластено лице да постапува по нивните барања и потреби. Јасно е дека градинките и училиштата ќе работат непречено, но може да се појави проблем доколку се јави недостаток од кадар бидејќи нема да има кој да назначи нов. Ќе биде запрено издавањето на градежни дозволи затоа што за нив е потребен потпис од градоначалникот. Исто така, потешкотии ќе има и при склучување на брак, бидејќи матичарите се вработени во локалната самоуправа и се без мандат. Почнатите проекти ќе се завршат, но нови нема да има кој да одбори, така што инфраструктурата ќе остане таква каква што е. Уште еден сериозен проблем се и јавните набавки – тендерите кои ќе бидат стопирани, се` до избор на нов градоначалник. Тука се и платите на службениците во општините бидејќи сега никој нема да има надлежност да ги потпише налозите за исплата.

Експертите велат дека едно од решенијата е градоначалникот да овласти некое лице во општината да извршува дел од функциите додека не се избере негов наследник. Тоа мора да биде државен службеник, односно раководител на сектор или негов заменик и тој ќе може да потпише исплата на плати и да реагира во ургентни ситуации.

Локалните избори традиционално се одржуваа во првата половина на мај, но годинава поради политичката криза во која е државата и фактот што не беше избран претседател на Собранието, истекоа сите рокови за нивно распишување во предвидениот термин.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG