Претседателот Ѓорге Иванов во Азербејџан, Емил Димитриев во Босна и Херцеговина, а собраниски спикер се` уште не е избран – од уставна гледна точка Македонија го „истурка“ денот без присуство на кој било врвен претставник на државата. Тоа, според познавачите на состојбите, е само показател за потребата од брзо надминување на кризата, а чекор во таа насока би требало да биде изборот на новиот претседател на Парламентот.
СДСМ е во процес на иницирање продолжување на конститутивната седница на Собранието, на која треба да се изберат членови на Комисијата за избори и именувања која пак треба да го предложи новиот собраниски спикер. Потоа би се преминало на негов избор, што би било сигнал плус дека има стабилно парламентарно мнозинство и дека Иванов треба да го додели мандатот за формирање влада.
Од кабинетот на шефот на државата денеска информираа дека Иванов донел одлука да ја одложи планираната посета на Австралија. Причината, според кабинетот, била политичката состојба во земјата, но и тензиите меѓу ЕУ и Турција за прекин на договорот за мигранти.
Посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, првично најавена за наредниот вторник, се` уште официјално не е потврдена и таа ќе зависи од настаните во земјата.