Линкови за пристапност

Жестоки реакции по обраќањето на Иванов


Заев ветува користење на сите законски средства за претседателот да ја повлече одлуката.

„Иванов изврши државен удар со одлуката да не го додели мандатот за состав на нова влада за што е обврзан според Уставот на Република Македонија“, изјави на вечерашната прес-конференција, лидерот на СДСМ Зоран Заев

„Иванов прави уставно-државна криза со тоа што ја негира мнозинската волја на граѓаните и поднесените 67 потписи на избрани пратеници во Собранието на Македонија и спречува легален и легитимен трансфер на власта. Со ваквото однесување, Иванов уште еднаш се стави во улога на заштитник и соучесник на Никола Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам јавно да порачам, СДСМ и јас како претседател, нема да дозволиме никој да си игра со иднината на државата за лични, политички и криминални цели“, изјави Заев.

Претседателот Иванов во попладневното телевизиско обраќање до нацијата, не понуди „план Б“ за излез од кризата, освен барањето до Заев јавно да ја отфрли Платформата на албанските партии.

„Долго време очекував дека одредени политички партии ќе покажат државотворност и зрелост и јавно ќе одбијат воопшто да зборуваат за таквата туѓа постизборна платформа“, рече Иванов.

Заев пак, вечерва порача дека ќе бидат искористени сите законски можности и дека „Иванов мора да ја повлече оваа одлука и веднаш да го додели мандатот за формирање на новата Влада, бидејќи Уставот го обврзува на тоа“.

„Сето ова што сега се случува сме го виделе и претходно од Никола Груевски и неговите соработници како Ѓорге Иванов. Груевски тоне, но нема да дозволиме да ја потоне и Македонија!“, потенцираше Заев, повикувајќи ги граѓаните на Македонија да останат смирени и да не подлегнуваат на притисоци.

За време на оваа прес-конференција, околу седиштето на СДСМ беа распоредени полициски специјалци, а неколку стотици метри подалеку, улицата беше блокирана од редовните полициски сили.

Пред полицискиот кордон застанаа илјадниците демонстранти, учесници во протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Учесниците во протестите, коишто траат веќе трет ден изразуваат незадоволство за договорот меѓу СДСМ и ДУИ за нова влада, и се против, како што истакнуваат иницијаторите, „двојазичноста и загрозувањето на унитарноста на Македонија“. Дел од учесниците за Гласот на Америка на македонски јазик, вечерва изјавија дека се охрабрени од потегот на претседателот Иванов, кому му изразија поддршка и благодарност за тоа што не му го доделил мандатот на Заев и најавија секојдневни протести.

И според дел од експертите, кои деновиве излегуваа со став во медиумите, 67-те собрани потписи се гаранција за обезбедено мнозинство, а Иванов не смее да го условува доделувањето на мандатот.

Лидерите на ДУИ и на СДСМ, Али Ахмети и Заев денес се сретнале, но од средбата немаше соопштение за јавноста. По ненадејното обраќање на Иванов, ДУИ вечерва излезе со став во медиумите дека се можни катастрофални последици ако длабоката политичка криза премине на меѓуетничко ниво, и го осуди обидот на Иванов „заедничката Декларација на албанските партии во Македонија да се оквалификува како платформа на туѓа држава“.

Иако Заев не обелодени какви ќе бидат следните чекори на СДСМ, утрешната посета на Скопје на високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, отвара многу прашања. Првенствено поради тоа што според агендата, таа требаше да се обрати пред пратениците од новиот состав на парламентот, и да се сретне со новиот собраниски спикер, за кого беше изразена надеж дека до утре ќе биде избран. Во неколкучасовната посета на Скопје, Могерини ќе оствари средба со претседателот Иванов и претставници на граѓанскиот сектор.

XS
SM
MD
LG