„Брзо имплементирање на реформските приоритети“ – тоа ќе биде една од пораките што британскиот министер за Европа и Америка во наредните два дена ќе ги испорача на државниот врв и на партиските лидери во Македонија. Предвидено е Алан Данкан во Скопје да се сретне со претседателот Иванов, со претседателите на парламентарните партии, со невладиниот сектор, но и со институции чија работа е поврзана со владеењето на правото како што е СЈО.
Посетата на Алан Данкан, чија прва станица на регионалната тура е Црна Гора, доаѓа во Македонија во чувствителен период на политички прегововори за формирање влада. Тој не е во Скопје за да пренесе конкретни иницијативи за изгледот на владата, туку за тоа што идната влада ќе треба да го има на врвот на агендата, велат за Гласот на Америка дипломатски извори.
Меѓу другото присуството на Данкан, е и да ја потврди посветеноста на Лондон на западниот Балкан и по Брегзит. „Западниот Балкан е клучен регион за Велика Британија. Посветени сме да имаме активна улога како поддржувач. Ние сме долгогодишни поддржувачи на Македонија и на Црна Гора на нивниот пат кон членство во ЕУ и НАТО, за што е потребен значаен напредок во реформите на двете земји“, изјави Данкан пред посетата на регионот. На прашањето – формирање влада или нови избори – опција за која навива владејачката ВМРО-ДПМНЕ, дипломати одговараат дека не е на Лондон да каже дали сега на Македонија пак и требаат предвремени избори. „Треба да се вложат сите напори и да се направат обиди - врз основа на резултатите од 11-ти декември да се формира влада“ – велат дипломатските извори.