ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ДУИ и СДСМ со другите албански партии – прашање на кое засега нема одговор. Ситуацијата многу не се разјасни ниту по денешната изјава на Билал Касами, лидерот на БЕСА – партијата со 5 пратеници во Парламентот. Тој беше јасен само во делот дека на Македонија и треба политичка и стабилна влада.
„Јас сум оптимист дека влада ќе се формира, дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, дали СДСМ и ДУИ, треба да чекаме, но јас се надевам дека сите политички партии ќе го рефлектираат резултатот што го добија. На Македонија и` треба политичка влада и и`треба стабилна влада. Која е таа влада? Да чекаме па ќе видиме“, изјави Касами.
Во изминатиот период дел од раководството на ДУИ, повикувајќи се на таканаречениот Мајски договор од 2007-та, прати пораки до ВМРО-ДПМНЕ дека треба да се почитува принципот „победник со победник“ при формирање на владата, што е само една од точките на овој договор. Пренесувач на пораката беше партискиот портпарол Бујар Османи, кој во интервју за Гласот на Америка, повторно се повика на Мајскиот договор што во 2008-та беше основа за почетокот на коалицијата Груевски-Ахмети.
„Мајскиот договор од 2007-та година, во кој се вели дека победникот кај албанската заедница го избира партнерот победник кај македонската заедница - почитувањето на овој принцип е многу важен за да се зачува важноста што ја има албанската заедница“, истакна Османи.
Два дена по неговата изјава, политичката игра ја продолжи ВМРО-ДПМНЕ, преку техничкиот премиер Емил Димитриев.
„Логично е победникот да коалицира со победникот“, изјави Димитриев.
Никола Груевски, како мандатар има рок до 29-ти јануари, недела, до парламентот да го достави предлог-составот на влада и програмата, што значи дека му преостануваат уште 5 дена за евентуално да склучи договор со Ахмети. Паралелно со политичките преговори и праќања пораки, меѓународната заедница повтори дека она што во овој момент и` треба на Македонија, е реформска влада, посветена на задачите наведени во итните приоритети и извештајот на Прибе.