Линкови за пристапност

Прв митинг на СДСМ: „Заедно, за живот во Македонија“


СДСМ и неговите партнери од опозициската коалиција го започнаа караванот митинзи во Прилеп

„Подготвени ли сме за новиот 11-ти октомври? 11-ти декември нека биде новиот 11-ти октомври! Затоа и ја почнуваме кампањата во слободарскиот Прилеп. Затоа што во Прилеп – победуваме!“, повика Зоран Заев, лидерот на СДСМ и на опозиционата коалиција, во понеделникот вечерта во Прилеп.

Најавен како новиот премиер на Република Македонија со скандирањето на неговите симпатизери, Заев го повика својот политички опонент, експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, конечно да прифати дуел со него пред медиумите, за да му ги постави директно прашањата од проектот „Вистината за Македонија“ и за содржината на „бомбите“ од аферата за прислушувањето на илјадниците граѓани, која деновиве ја почна и судската разврска. Тој потенцираше дека честа и совеста не му дозволиле да ја обелодени содржината на целиот снимен материјал од прислушувањата, но дека морал да ја извести јавноста за тоа како „братучедите Груевски и Мијалков (екс-началникот на Управата за безбедност и контраразузнавање) се изживувале врз животите на граѓаните додека тие страдале“.

За време на говорот, Заев го нарече Груевски „криминалец, бандит и мафијаш“ и го обвини дека изнел 5 милијарди евра народни пари од државата. Порачувајќи им на присутните дека власта е чест и одговорност, Заев праша: „Зарем уште ќе молчиме и ќе се плашиме?“. Обвинувајќи ја власта за партизација на институциите, Заев ја нарече Владата - криминална и ја обвини дека со прислушувањето направила државен удар. „Дали сакате уште четири години режим? На 11-ти декември ваш избор за живот нека биде - во Македонија!“, побара Заев.

Претставувајќи ја програмата на опозицијата за достоинствен живот во Македонија, тој вети зголемување на платите, бесплатно јавно здравство, ослободување на партизираните институции, отворање на нови работни места за задржување на младите луѓе во Македонија и враќање на буџетските средства кон граѓаните, како и враќање и заживување на правната држава, во која „сите што краделе, ќе одговараат и ќе ги вратат украдените пари!“​

Заев им се обрати и на неопределените, на корисниците на субвенции, на социјална помош, на вработените во администрацијата и буџетските корисници, како и на малите бизнисмени, дека се сите „исправени пред одговорноста за иднината на Македонија и на следните поколенија“.

На митингот зборуваа и Сузана Трајковска, жителка на Прилеп, која низ приказната за судбината на нејзиното семејство, го илустрираше животот во Македонија во последните 10 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, како и кандидатите за пратеници од Прилеп, Кети Смилевска и Хари Локвенец. На крајот на митингот беа претставени и сите шестмина носители на партиските листи на опозицијата, покрај Заев и Стево Пендаровски, Радмила Шеќеринска, Петре Шилегов, Оливер Спасовски и Љупчо Николовски.

Караванот на опозицијата пред Прилеп, попладнето одржа предизборен митинг и во Крушево, каде покрај лидерот Заев, пред преполнетата сала на хотелот „Монтана“ се обратија и носителката на листата во Петата изборна единица Радмила Шеќеринска и кандидатот за пратеник од Крушево, Тома Петроски.

Според Шеќеринска, системот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ веќе никогаш нема да се повтори: „никогаш нема да праќаат ‘човечиња’ на гласање, никогаш повеќе нема да перат пари со милионските споменици во Скопје“. Лидерот на СДСМ, пак порача дека „по 11-ти декември, граѓаните на Република Македонија ќе ја вратат слободата, правдата и еднаквоста“.

XS
SM
MD
LG