Линкови за пристапност

Кундерс: Најпрво „Пржино", па избори


„Меѓународната заедница останува целосно посветена да им помага на партиите, но клучот за решавање на кризата, е во политичките лидери кои го потпишаа Договорот“

Шефот на холандската дипломатија, Берт Кундерс, во функција на претседавач со Советот на ЕУ, упати писмо до лидерите на четирите партии-потписнички на Договорот од Пржино, во кое бара што поскоро целосно спроведување на обврските што произлегуваат од него, со што ќе се овозможат услови за организирање на фер и демократски изборен процес.

„Како претседавач на Советот на ЕУ и долгогодишен поддржувач на вашата земја, Ви пишувам на сите потписници на Договорот од Пржино, за да ја изразам мојата сериозна загриженост за настанатата политичка криза. Меѓународната заедница останува целосно посветена да им помага на партиите. Но, целосно безусловно имплементирање на Договорот што сите го потпишавте, како и итните реформски приоритети, се клучни за евроатлатската иднина на вашата земја. Кога се работи за ова, нема алтернатива. Затоа клучно за стабилноста на Вашата земја и просперитетот на Вашите граѓани, е да најдете начин за излез од кризата“, се вели во писмото на пртседавачот на Советот на министрите на ЕУ.

„Силно ја поддржувам изјавата на комесарот Хан, дека пропаѓањето на Договорот од Пржино ќе резултира со сериозни последици вклучувајќи го и интегративниот процес во ЕУ. Одговорност е на сите политички партии веднаш да се справат со кризата. Во однос на ова, сакам да Ви потенцирам два елемента на коишто веднаш мора да работите“, се вели во писмото.

Кундерс наведува дека ЕУ очекува пред се`, да се исполнат обврските од Пржино. Во тој контекст тој истакнува дека минималните услови за кредибилни избори на кои укажаа ЕУ и САД како гаранти на договор од Пржино, не се исполнети. Притоа шефот на холандската дипломатија укажува дека е потребно прочистуивање на изборачкиот список, исполнување на медиумските реформи и одделување на партијата од државата, како и прекин на заплашувањето на гласачите.

„Слободни, фер и инклузивни избори, се клучни за Договорот од Пржино и непроценливи за демократската иднина на Вашата земја. Затоа, овие критериуми треба да бидат исполнети без понатамошно одлагање. Второ, одлуката на Претседателот Иванов да ги аболицира обвинетите или оние кои се под истрага, а поврзано со индициите од прислушувањето, особено оние политичари кои во моментов се под истрага на Специјалното јавно обвинителство, мора да биде повлечена. Клучно за Договорот од Пржино и за решавање на политичката криза, е да му се дозволи на СЈО непречено да ја заврши својата работа. Меѓународната заедница останува целосно посветена да им помага на партиите, но клучот за решавање на кризата, е во политичките лидери кои го потпишаа Договорот од Пржино“, истакнува Кундерс во писмото адресирано до потписниците на Договорот од Пржино.

XS
SM
MD
LG