Иако посредникот Ван Хауте ги повика политичките партии да постигнат што е можно поскоро компромис за регулација на медумската сфера, што нема да се сведува на копирање на закон од друга земја, преговарачите се сé уште длабоко во своите ровови.
„Доколку Македонија нема менталитет и капацитет за европски закони, зошто се бараат од нас европски избори, односно европски правила во секоја сфера на животот“, прашува Македонската асоцијација на новинари - МАН, во реакцијата на вчерашната изјава на медијаторот во преговорите на четирите најмоќни парламентарни партии за надминување на политичката криза, Питер Ван Хауте.
Имено, Ван Хауте изјави дека „не е добра идејата да се копира од европските земји ... затоа што вие имате различен правен систем, устав, менталитет...“
Владеачката ВМРО-ДПМНЕ веднаш го одби предлогот на опозиционата СДСМ, тврдејќи дека се работи за лош закон, спротивен на Уставот.
СДСМ одговори дека нивната понуда е и последната „црвена линија“ од која нема да отстапат.
Реагираа и Здружението на новинари на Македонија и Синдикатот на самостојни новинари, кои ја осудија „хајката и црна кампања во провладините медиуми против европскиот посредник Ван Хауте“.
Друг вид остра реакција, на спротиставената на ЗНМ, Македонска асоцијација на новинари, изгледаше вака:
„Го потсетуваме посредникот Ванхауте дека прогласувањето на една нација за инфериорна во однос на други нации е расизам, односно говор на омраза, и бараме оние кои го пратиле во Македонија да се оградат од неговата изјава, и истата да ја осудат. Со оваа изјава на посредникот Ванхауте се повредуваат демократските стандарди и правни акти на Европската унија и државите членки на Унијата“
А откако претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис, изјави дека ги поддржуваат принципиелните насоки презентирани од посредникот Ван Хауте, и откако претседателот на ЗНМ Селмани, ги обвини двете партии дека нивното неодговорно однесување, не помага да се најде квалитетно решение за медиумските реформи, СДСМ денес, го соопшти законското решение од кое партијата не отстапува.
СДСМ меѓу другото бара Собранието да ги именува членовите на Советот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги врз основа на претходно спроведен јавен конкурс и организирана јавна расправа за кандидатите за членови на Советот, Советот да избира директор на Агенцијата по пат на јавен конкурс, и радиодифузерите кои емитуваат вести и дневно-информативни програми да се должни во нив да обезбедат непристрасно, правично и избалансирано претставување на различните политички и идеолошки гледишта.
И додека „над 180 илјади граѓани живеат се борат за основна егзистенција, а над 500 илјади живеат на работ на сиромаштијата, за три години во само три телевизии „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“ за ширење на владиниот популизам завршиле 13 милиони евра, пари на граѓаните“, додава СДСМ.
Во очекување на новата посета на еврокомесарот Јоханес Хан и на 20 февруари, кога амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, ќе се изјаснат за можноста за одржување на фер и демократски избори - на 24 април, Македонија е повторно на пресвртница и од политичките решенија ќе и зависи иднината.