Линкови за пристапност

Повик до власта и опозицијата за почитување на договореното


Заеднички апел на амбасадорите на САД, Германија, Италија, Велика Британија, Франција и ЕУ за надминување на кризата.

„Во петокот доцна вечерта се сретнавме со премиерот Никола Груевски и го изразивме нашето разочарување од неисполнување на крајниот рок, 20-ти октомври за избор на министри. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да ја покажат потребната посветеност за спроведување на договорот на конструктивен и итен начин и со добра волја“, апелираа во заедничката изјава амбасадорите САД, Германија, Италија, Велика Британија, Франција и ЕУ.

Амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гарет, во име на колегите дипломати, обраќајќи се пред Владата, потенцираше дека сите влади имаат особена одговорност при политичка криза.

„Веруваме дека спроведување на Договорот од Пржино, е најдобар пат за излез од оваа политичка криза. Го повикавме премиерот Груевски да го овласти неговиот тим да го финализира договорот за нерешените прашања во Договорот и да ги спроведе неопходните реформи за да се овозможат еднакви услови за избори и нивно и домашно и меѓународно признавање како веродостојни, како и отчетност за можни злоупотреби. Очекуваме на специјалниот обвинител, именуван едногласно во парламентот, да му се овозможат потребните ресурси за извршување на важната работа“, стои во соопштението на амбасадорите.

Амбасадорот Гарет побара и од СДСМ да ја почитува улогата во преговорите и понатаму, во конструктивен дух, да не се објавуваат „бомбите“ – материјалите стекнати со прислушување.

„Ги повикавме СДСМ, од своја страна, да продолжат да ги исполнуваат своите обврски кои произлегуваат од политичкиот договор, вклучувајќи го и ветувањето да не објавуваат прислушуван материјал“.

Според димпломатите, Договорот за Пржино ги повикува страните да го ставаат интересот на Македонија во прв план и потврдување на нивната посветеност на процесот на евроатлантските интеграции и на воспоставување на демократските принципи во државата. Амбасадорите се децидни дека „неуспехот да се стори тоа ќе има влијание на оценката од страна на Европската комисија“, соопштија амбасдорите во заедничката изјава и нe одговараа на новинарски прашања.

Според портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, „фундаментално и битно за Република Македонија е да дојде до целосна имплементација на Договорот од Пржино. Македонија нема алтернатива за својата евроатлантска интеграција“. Според него, ВМРО-ДПМНЕ го избегнува именувањето на целиот тим на Специјалната обвинителка Катица Јанева.

Но, откако судија на претходна постапка реши аудио снимките на телефонски разговори, т.н. бомби, да се издвојат како незаконски прибавени, и скопскиот Апелационен суд се прогласи за ненадлежен по жалбите.

Тоа засега е разврската по барањето на адвокатскиот тим на премиерот Груевски, кое го прифати судија на претходна постапка - дека аудио снимките кои ги достави опозицијата нема да се користат како докази бидејќи биле незаконски снимени.

Иако се очекуваше избраната специјалната обвинителка да ги преземе спорните предмети, со оспорувањето на законот со кој се регулира работењето на специјалниот обвинител пред Уставниот суд, засега се` е блокирано и на политички и на судски план.

XS
SM
MD
LG