Линкови за пристапност

Европската комисија чека предлози од политичките лидери за надминување на кризата


По неуспехот на преговорите во Брисел, ЕК најави разгледување на можностите што би придонеле за политичкиот процес во земјата

„Разговорите беа отворени и детални, но сепак, не доведоа до конечен договор. Европската унија ги повикува сите страни, во интерес на државата и нивните граѓани, да најдат траен политички компромис, без одложување, и да излезат со конкретни предлози во таа насока, согласно договорот претходно постигнат во Скопје на 2-ри јуни. Обврската за реформи содржана таму, на која се обврзаа сите лидери на партиите, мора да биде итно имплементирана. Ова е од клучно значење за да направи државата каков било напредок на евроатлантскиот пат“, стои во соопштението на Европската комисија.

Еврокомесарот Јоханес Хан по завршување на разговорите, на социјалната мрежа Твитер соопшти дека е разочаран од нивниот тек.

„Нема конечен договор во преговорите. Многу сум разочаран од недостигот на одговорност и лидерство кај некои од преговарачите. Граѓаните заслужуваат подобро: демократија, владеење на правото и европска иднина. Не се откажуваме“, напиша Хан на Твитер.

По несупехот на преговорите двајцата лидери на политичките партии, Груевски и Заев мегусебно се обвинија за неуспехот.

„Ние денес преговаравме повеќе од 12 часа и мојата крајна констатација е следна - Г-динот Заев ниту сакаше да има договор, ниту пак дојде за тоа...Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тежок пораз и најголемото фијаско на СДСМ досега во неговата историја. Ни договор сака, ни избори сака. Тоа е целиот проблем“, изјави Груевски.

Од своја страна, Заев исто така го обвини својот политички ривал дека не сакал да дојде до договор.

„Имам многу сведоци кои можат да кажат дали денешните преговори беа неуспех или не. Важно е што останавме на ставовите кои не се само наши. Тоа се единствено можни принципиелни ставови кои гарантираат фер и демократски избори. Тоа е возможно само ако условите за нивно одржување бидат според критериумите на граѓаните. Тоа со Груевски не е возможно. Тој е главниот виновник за сите криминали. Не може човекот кој е главен во проблемот да биде и решение за проблемот. Избори со Груевски не можат да бидат фер“, изјави Зоран Заев.

Завчерашната лидерска средба беше втора во Брисел, откако пред десет дена во Скопје се договорија да има предвремени парламентарни избори во април следната година.

Лидерите овојпат требаше да постигнат договор за прашањата кои ги утврдија на последниот состанок со еврокомесарот Хан, кој истакна дека во преодниот период е важно да се работи на здрави изборни правила, да се ревидираат изборните списоци, да се почитуваат правата на малцинствата, како и да се земат предвид препораките дадени од Европската комисија кои се однесуваат на независноста на судството, владеењето на правото и на слободата на медиумите.

На преговорите присуствуваа и американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли, евроамбасадорот Аиво Орав, специјалниот известувач на Европскиот парламент за Македонија, Иво Вајгл, и генералниот секретар на службата за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија, Ален Ле Роа.

XS
SM
MD
LG