Линкови за пристапност

Демократска обнова на Македонија излезе од коалицијата


Медиумите во Македонија шпекулираат дека Демократскиот сојуз е најверојатно следната што ќе се дистанцира од ВМРО- ДПМНЕ

Партијата Демократска обнова на Македонија од вчера не е веќе дел на владејачката коалиција „За подобра Македонија“, од која беше дел девет години.

Оваа одлука на Извршиниот одбор, синоќа официјално ја потврдил и Централниот партиски одбор.

„Верувам дека нашиот потег ќе биде поттик сите актери на политичката сцена да размислат дека мора да се најде разумно решение и да се постигне договор меѓу позицијата и опозицијата што ќе води до организирање на предвремени избори на начин што ќе бидат сите задоволни. Има ситуациии кога помагаш со своето присуство, а некогаш помагаш со отсуството“ вели претседателката на партијата Лилјана Поповска.

Според неа, целта на ваквиот потег е да предизвикаат „серија логични политички потези што би воделе до избегнување на натамошното дестабилизирање на земјата“.

„Ние со нашиот потег ќе се обидеме да спречиме меѓуграѓански конфликт кон кој се оди. Не сакаме да бидеме дел од судир на две групи граѓани“, вели таа, додавајќи дека натаму ќе делуваат „независно и коректно во согласност со навните програмски заложби, и ќе ги поддржува сите предлози што се во интерес на државата и граѓаните и на национално и на локално ниво“.

Неколку провладини медиуми и портали веднаш објавија дека „огромен број на членови на ДОМ деновиве масовно преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што велат, „над 90% од членството на ДОМ на ниво на цела Македонија не се согласува со одлуката на Лилјана Поповска да ја напушти коалицијата За подобра Македонија“.

Поповска, на денешната прес конференција призна дека „од владејачката партија вршат нечовечки притисоци и уцени кон членови на ДОМ за да преминат кај нив“.

„Високи партиски и државни функционери од ВМРО ДПМНЕ вршат нечовечки притисоци и уценуваат членови на ДОМ за да преминат кај нив. За ова имаме писмени изјави со имињата на ученувачите за кои во даден момент ќе покренеме судски постапки за уцена, мобинг и загрозување на личниот имот“, рече Попоска, изразувајќи разочараност од стратегијата што довчерашниот партнер.

ДОМ е засега единствен субјект што ја напушти владејачката коалиција, составена од повеќе други помали партии. Овдешните медиуми деновиве шпекулираат дека Демократскиот сојуз е најверојатно следната што ќе се дистанцира од ВМРО- ДПМНЕ, пред се`, поради тоа што неговиот лидер Павле Трајанов досега неколку пати на клучни прашања излезе со ставови спротивни на владините. Но засега од оваа партија не сакаат да коментираат на прашањето- дали остануваат или не во коалицијата.

Иако е значајно, сепак, излегувањето на сите овие партии не може да предизвика толку голем удар врз владината коалиција и владејачкото мнозинство во Парламентот, што евентуално би го нанело излегувањето на Демократската партија на Албанците (ДУИ). Оттаму засега демантираат ваква информација.

„Излегувањето на ДУИ од владата ќе значи понатамошна дестабилизација на државата, која веќе е во криза, со можност некој да ја киднапира кризата и да спроведе своја агенда што е спротивна на интересите на државата. Луѓето реагираат емоционално, но една сериозна политичка партија размислува рационално. Ние не го гледаме нашиот краткорочен интерес, не сакаме да собереме политички поени, не размислуваме емоционално, туку рационално за да ја зачуваме стабилноста на државата и да најдеме институционално решение за кризата – вели портпаролот на партијата, Бујар Османи. Според него, единствен излез од кризата е итен политички дијалог со меѓународно посредништво.

XS
SM
MD
LG