СДСМ денес во Битола ја објави 19-тата „бомба“. Шефот на битолскиот огранок на опозиционерите Васко Ковачевски презентираше снимки од телефонски разговори за кои СДСМ тврди дека покажуваат партиски вработувања, сомнителни финансиски трансакции на битолскиот градоначалник Владимир Талески и повреди на процесот на лустрација.
„Антонио Милошоски бара од претседателот на Комисијата за лустрација Томе Аџиев да биде лустриран судија од Кичево затоа што бил против власта“, рече Ковачевски на објавувањето на снимките. Тоа е потврда, додаде тој, дека процесот на лустрација е политичка сатанизација на неистомислениците.
Според Ковачевски, втората група објавени разговори на прес-конференцијата „потврдуваат злоупотреби на власта за време на избори, притисоци врз бизнисмени кои не ја поддржуваат владеачката партија и списоци на вработени во приватни фирми врз кои се вршат притисоци за тие да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ“.
Тој претстави и разговори за коишто вели дека го илустрираат упадот на власта во автономијата на универзитетот.
„Покрај упадите во изборниот процес, фирмите и администрацијата, ВМРО-ДПМНЕ не го поштедила ниту битолскиот универзитет, рече Ковачевски. Тој кажа дека во презентираниот разговор се слуша како генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Ковачевски добива инструкции од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да се сопре изборот на Фросина Ременски од СДСМ за продекан.
Според СДСМ, дел од презентираните разговори се во контекст на изборни нерегуларности, притисоци врз фирми и партиски вработувања. Како што рече Ковачевски, тогашниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чингоски бара од градоначалникот Талески да ја провери можноста 20-тина граѓани да гласаат на две места за време на изборите во 2011-та година.
Еден од разговорите покажува како во државната компанија ЕЛЕМ се вработуваат луѓе исклучиво по партиска директива, рече Ковачевски.
По прес-конференцијата на СДСМ, со реакција истапи ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја опозицијата за манипулации со јавноста.
„Денес своите лепени, прелепувани и креирани материјали ги објавуваа во Битола, градот кој најмногу патеше во времињата на СДСМ. Токму во Битола СДСМ ги демонстрираше своите погубни политики кога во аферата со штедилницата ТАТ беа украдени 60 милиони евра пари на околу 13 000 граѓани, градот го оставија во бесперспективност, а министрите во тренерки на СДСМ ги префрлаа парите со црни кеси во своите дебели банкарски сметки. СДСМ во Битола им ги ограби парите на старите девизни штедачи и затвори десетици фирми и фабрики од кои повеќе од 10 000 битолчани останаа без свое работно место“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.