Линкови за пристапност

Заев во Јавното обвинителство


Даде исказ за кривичната пријава дека наводно зел поткуп, еден ден откако ја објави 18-тата „бомба“

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денес во Јавното обвинителство даде нов исказ за кривичната пријава дека наводно зел поткуп од сограѓанин за градежен имот, пријава којашто следеше откако тој започна со објавување на материјалите од кампањата „Вистината за Македонија“. Тој одби да даде детали, освен дека се работи за преседан во македонското судство, бидејќи, како што рече „ова е само предмет во кој нема пари и предмет кој јас го пријавив кога почувствував дека некој ме мести“.

„Од моите адвокати знам дека процес во кој нема пари никаде во Македонија досега не се водел. Прво, истражните органи ги покажувале парите или доброто, но чуден е овој процес со оглед на политичките ситуации во земјава. Ќе дојде време кога вистината и ќе исплива на виделина се`, па и за процесот со Заев“, изјави тој.

Вчера, водачот на опозицијата на прес-конференција во седиштетео на партијата ја објави тнр. „бомба“ - 18- та по ред. Заев објави снимки од телефонски разговори за коишто тврди дека се меѓу претставници на извршната и законодавната власт, и коишто, како што рече, се доказ дека „премиерот Никола Груевски со лидерот на ДУИ Али Ахмети лично ја договорил амнестијата на хашките случаи“.

„Денеска ќе слушнете каков политички измамник и манипулатор е Груевски. Од снимките што ќе ги објавиме на оваа прес-конференција ќе се уверите дека за да остане на власт, Никола Груевски ниту го интересираат македонските национални интереси во коишто тој се крсти пред граѓаните Македонци, ниту го интересираат законите, ниту го интересираат неговите соработници – од министри, до пратеници“, рече во најавата Заев.

„Денеска ќе симнеме уште една негова маска. Најсаканата негова маска. Маската на големиот патриот Никола Груевски“, кажа Заев, објаснувајќи дека разговорите се од „периодот на зацврстувањето на владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ и за пазарот со хашките случаи во тие договарања“.

„Лично Никола Груевски се испазарил со Али Ахмети за затворање на хашките случаи со амнестија. Груевски лично наредил, за тој да се заштити, целата постапка да ја префрли на Парламентот. Ќе слушнете како Груевски лично менаџира, оваа правно неизводлива процедура на амнестија, на којашто му укажуваат соработниците, да ја натовари на пратениците и на министрите – пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ - бидејќи во тој период новата Влада се` уште не е формирана. Тоа дело не може преку автентично толкување да се толкува и да се брани со Закон за амнестија“, додаде Заев. Пред да ги презентира разговорите за наводните пазарања, Заев, објави видео-снимка од истиот тој период на која премиерот Никола Груевски, одговорајќи на новинарско прашање, демантира дека имало какво и да е пазарење.

Во трите групи телефонски разговори коишто беа презентирани на „Бихаќка“, наводно се слушаат гласовите на премиерот Груевски, на пратеничката Силвана Бонева, на заменичката во Министерството за правда Билјана Бришковска, тогашните пратеници Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, и претседателот на Парламентот Трајко Велјаноски, како договараат донесување на законот за амнестија, но и како некои од нив изразуваат лични несогласувања со тоа, како тогашниот министер за правда Михајло Маневски, којшто наводно одбивал да потпише позитивно мислење, а пратениците Јанкулоска и Ставрески, како што и најавиле во наводно меѓусебниот разговор, воопшто не се појавиле на седницата.

Заев на крајот од прес-конференцијата ги повика граѓаните, независно од националноста и политичката ориентација „како што се дига свеста за ова зло што и` се случува на Македонија, храбро и одлучно да застанеме еден до друг и да ги вратиме, не само интересите на државата туку и своите права: слободата, правдата и достоинството“.

Одговарајќи на новинарско прашања за истрагата за случајот „Пуч“ во којшто е тој еден од осомничените, Заев рече дека досега се покажало дека нема докази за насилство, а дека доказот на МВР за шпионажа бил писмо напишано на англиски јазик до Њујорк тајмс коешто никогаш не било испратено.

„Зоран Заев продолжува да манипулира со креирани и лажни материјали кои ги става во контекст којшто нему му одговара, со цел да предзивика забуна кај граѓаните. Самиот тој со овие прес-конференции потврдува кој се бил слушан и дека слушањето го правеле надворешни лица под патронат на странски центар“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија смета дека „Заев продолжува со спроведување на неговото сценарио за дестабилизација на Македонија и оти тоа сега веќе им е јасно и на најголемите поддржувачи на партијата“, нарекувајќи го „маша на странски центри кои имаат за цел нарушување на стабилноста на Македонија и нарушување на нејзиниот меѓународен углед“.

Во писмената реакција, од владејачката партија потсетуваат дека Законот за амнестија е донесен во 2002-ра година, а за него, меѓу другите гласале и Бранко Црвенковски, Радмила Шеќеринска Јани Макрадули и Никола Поповски.

XS
SM
MD
LG