Линкови за пристапност

Загриженост, илузионистичка работа, петарда, дополнителни разговори...


Реакции на вчерашната трибина на СДСМ

Европскиот парламент е „сериозно загрижен поради влошувањето на односите меѓу Владата и опозицијата, особено во поглед на неодамнешната најава на обвиненијата против водачот на опозицијата од страна на премиерот и, исто така, спротивставените обвинувања за кривични дела... осудува каков било незаконски надзор и повикува сите наводи да бидат објавени, како и да се спроведе независна истрага за сите обвинувања за незаконско набљудување, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристрасност и презумпцијата на невиност“. Ова е реакцијата на Европскиот парламент на настаните во Македонија, што е составен дел на Резолуцијата за напредокот на Македонија, изгласана денеска.

Исто така, во неа се изразува и загриженост за „поларизираната домашна клима“, како и тоа дека е во надлежност и на Владата и на опозицијата да се грижат за трајна политичка соработка“.

„Компромисите се од фундаментално значење за функционирање на демократијата. Постизборниот бојкот е проблем што треба да се реши во духот на поделена одговорност меѓу Владата и опозицијата“, се наведува во Резолуцијата, во којашто на крајот се бара шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини да посредува во договорот меѓу партиите.

Иста порака и од истата говорница упати и комесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, којшто минатиот месец директно во Скопје ја почувствува политичката атмосфера во земјава, на разговорите со разни политички претставници.

„Без разлика на изворите на прислушувањето кои треба да се истражат, секоја потенцијална злоупотреба која се открива во нивната содржина мора да биде истражена и да се преземат адекватни мерки. Особено ако нарушуваат такви фундаментални прашања како што се владеењето на правото и поделбата на власта. Во период кога довербата во институциите е ниска, сите јавни личности мора да се однесуваат одговорно и да преземат одговорност за своите постапки“, рече еврокомесарот Хан.

На домашен терен, реакциите и пораките денеска не се нималку дипломатски, особено по вчерашната трибина на Социјалдемократскиот сојуз, на којашто беа објавени нови аудио-материјали за, како што велат, изборен грабеж од страна на власта изминатите неколку изборни циклуси, како и во врска со политичките барања на лидерот Зоран Заев за оставка на Владата, на јавниот обвинител, на раководството на јавниот радиодифузен сервис МРТВ, и формирање преодна влада како решение на политичката криза.

„Во мојата политичка кариера, СДСМ и други политички партии во повеќе наврати иницирале таква постапка и во една демократска процедура и соодветните институции се изјасниле по однос на нивното барање“, рече денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, коментирајќи го барањето на СДСМ за оставки, коешто го нарече „легитимно право“, но преку Собранието.

Прашањето, „зошто МВР не го приведе Заев кога веќе е осомничен и против него имало две кривични пријави“, Јанкулоска го нарече „хипотетичко и претпоставена ситуација“, додавајќи дека „МВР работи исклучиво врз база на законски прописи и професионални стандарди“.

Министерот за здравство Никола Тодоров, за кого СДСМ тврди дека е дел од телефонските разговори со коишто се договараат изборни манипулации, одговарајќи на новинарско прашање, смета дека „автентичноста на снимките ќе се утврдува во судска постапка“, нарекувајќи ги „илузионистичка работа“.

„Целава работа ми се чини како некаква илузионистичка работа. Вчера се обидуваа да ги убедат луѓето дека се случил изборен фалсификат и тоа во општина Центар, каде тие ги добија изборите, тоа е навистина нелогично“, рече тој и притоа одби да го коментира барањето за оставка на Владата, ниту пак делот од аудио-снимките каде тој наводно зборува „за исклучување на лифтови за да не може старите лица да одат на гласање“.

Јавниот обвинител Марко Зврлевски нема коментар на барањето за негова оставка.

„Тоа е личен став на Заев и став на неговата партија и јас немам коментар за тоа“, изјави Зврлевски за видео - порталот Нова.

За оставка не размислува ниту првиот човек на МРТВ Марјан Цветковски. Во изјава, исто така за Нова, тој вели дека во првиот мандат од 3 години бил фокусиран на реализација на програмата, и дека истото ќе продолжи да го прави. „Нема да дозволам МРТВ да влезе во дневно-политичките битки“, вели генералниот директор Цветковски.

И двете политички партии на етничките Албанци денеска ги коментираа предлозите на Заев и аудио-материјалите.

ДУИ, како што вели Артан Груби, се согласува со барањето на Заев за вклучување на меѓународиот фактор во спроведување на истрагата, во контекст на пошироко ангажирање од страна на Брисел. ДУИ од Брисел бара да ангажира политички тим засилен со правни експерти коишто ќе помогнат да се расветли случајот со прислушувањето. За барањето за преодна влада, пак, за нив, „сега за сега е рано да се разговара“.

„Целосна конструкција на разговорот, одземање на зборовите од еден разговор и внесување во друг разговор е позната метода на монтажа, своевидна за Сојузот на комунисти, потоа на СДСМ, од Ранковиќ, Милошевиќ, Глигоров, Црвенковски до Заев и нивните политички истомисленици“. Ова е коментарот на ДПА на разговорот меѓу, како што тврди СДСМ, водачот на партијата Мендух Тачи и директорот на УБК Сашо Мијалков, објавен на синоќешната трибина.

За Тачи „ова е не е нешто неочекувано“.

„Ова е обична петарда од џелатот на Aлбанците, Заев. Немам никакаков впечаток од тоа што е објавено. ДПА јавно гласаше да се поништи гласањето во Струмица и ВМРО-ДПМНЕ јавно гласаше да се поништи гласањето во Чаир. Зошто смешните човечиња не објавуваат ништо за ДУИ, за нивниот криминал и корупција? Политичката борба против СДСМ ќе ја продолжиме и им порачувам дека во опозиција ќе бидат во наредните 50 години“, рече Тачи.

На изјавата на лидерот на ДПА, денеска одговори и претседателот на СДСМ, Заев, порачувајќи му дека „ќе добие дополнителни разговори кои ќе ја откријат што тој точно правел“.

„Ќе добие Мендух Тачи дополнителни разговори коишто апсолутно ќе го потврдат тоа што ние го зборуваме и ќе му ја отвори предавничката душа на тоа што правел, не кон Заев, не како опозиција, туку кон неговите поддржувачи и неговиот народ“, изјави Заев, откако денеска во Обвинителство даде исказ за случајот „Пуч“ во којшто тој е четвртообвинет за организиран криминал.

XS
SM
MD
LG